Која било узурпација на јавен простор е прекршок што се санкционира / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нашите инспектори и редари се на терен, каде што најчесто даваат опомени, но понекогаш и казни за прекршувачите на овие одредби. Градот апелира граѓаните да се однесуваат совесно, бидејќи контролите, како и досега, ќе продолжат и сите лица што ќе бидат затекнати како го прекршуваат законот, ќе бидат казнети од страна на нашите инспекциски служби или од општинските инспектори, комунални редари или од МВР, велат од Градот Скопје

СТРОГИ САНКЦИИ ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЈАВНА ЧИСТОТА

На самиот праг од почетокот на есента, почнуваат и подготовките на граѓаните за долгата зима, со приготвување на традиционалните зимници. Иако сѐ уште не е во полн ек, сепак во некои населби веќе може да се почувствува мирисот на печени црвени пиперки, на ванила од разните мармалади и слатка, а и низ воздухот веќе може да се почувствува мирисот на чад од запалените ќумбиња.
Иако за разлика од порано ваквата слика е сѐ поретка, тоа не значи дека граѓаните не приготвуваат зимници во своите дворови и во дворовите околу зградите во кои живеат.
На некои од граѓаните им пречи миризбата од запалените ќумбиња, но и ѓубрето од остатоците, кое многу често завршува околу канализациските системи, со што се затнува канализацијата, па дополнително се создаваат непотребни проблеми.

Граѓаните во зградите велат дека неодговорноста кај некои од сожителите причинува големи проблеми, бидејќи целата зграда се зачадува, мириса на чад од ќумбињата, но велат дека не сакаат да пријавуваат бидејќи се соседи и не сакаат да создаваат проблеми со нив.
– И јас приготвувам зимница, меѓутоа ја правам на село, во семејната куќа, каде што никому не му пречам. Овде навистина е мачно да се справуваш со чадот, кој буквално навлегува во становите и, освен што мириса, сѐ е зачадено. И секоја година е истата слика. Ја разбирам потребата да се приготви храна за зимскиот период, но не по цена една недела да се малтретираат сите наоколу. Не е фер. Ниту децата можат надвор да играат, затоа што трчаат околу, им креваат прав, па дополнително се создава тензија затоа што трчаат и им пречат на соседите – вели Елена Јаневска, жителка на скопската населба Чаир.

И луѓето што живеат во куќи честопати причинуваат хаос од правењето зимници. Наместо лушпите и семките од пиперките и другите производи да ги соберат и да ги фрлат во контејнер, тие со црево си ги мијат дворовите, исфрлајќи ги остатоците надвор од дворовите на самите улици. Па, така, минувачите газат во семки и лушпи што останале околу атмосферските канализации или, пак, се наталожиле над нив оневозможувајќи го секој проток на вода. Со тоа се затнува канализацискиот систем, па при поројни врнежи од дожд, водата останува на улиците и причинува дополнителни проблеми за граѓаните.
– Има несовесни луѓе насекаде. Еве, јас си правам зимница во дворот, но никогаш ѓубрето не сум го миела со црево, само за да си го исчистам дворот. Секогаш го собирам со метла, затоа што доколку не го направам тоа, ѓубрето ќе ми остане пред врата и повторно мене ќе ми влезе во дворот. Некои од соседите не внимаваат, па кофи со ѓубре истураат во канализациите и околу нив.

Неколкупати досега им имам укажано дека тоа не е начин за да се спасат од остатоците, но безуспешно. Секоја година го прават истото тоа. Не сакам да пријавам бидејќи не сакам да си правам проблеми, меѓутоа добро би било да бидат санкционирани за да се научат дека тоа што го прават не е исправно – вели Ангелина Маневска, жителка на Лисиче.
Градските власти велат дека која било узурпација на јавен простор е прекршок што се санкционира во согласност со одредени законски прописи.
– Ова е наменето за јавните површини, што значи дека истото тоа не ги опфаќа приватните дворови на куќите и викендичките. Конкретно за зимниците, станува збор за прекршок во согласност со Законот за јавна чистота, кој може да го спроведуваат инспектори од државниот, градскиот или општинскиот инспекторат или редари, како и Министерството за внатрешни работи. Казната за оваа мерка, во согласност со законот, изнесува 50 евра во денарска противвредност – информираат од градот.
Оттаму додаваат дека секоја сезона градските инспектори и редари се на терен.

– Нашите инспектори и редари се на терен, каде што најчесто даваат опомени, но понекогаш и казни за прекршувачите на овие одредби. Градот апелира граѓаните да се однесуваат совесно, бидејќи контролите, како и досега, ќе продолжат и сите лица што ќе бидат затекнати како го прекршуваат законот, ќе бидат казнети од страна на нашите инспекциски служби, или од општинските инспектори, комунални редари или од МВР – велат од Градот Скопје.

[email protected]