Фото: Маја Јаневска-Илиева

Град Скопје е задоволен од големиот интерес на јавноста за оваа мерка и доколку се утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, постои можност повикот да се продолжи, за што јавноста ќе биде информирана навреме

ПОВЕЌЕ ОД ЧЕТИРИ ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ АПЛИЦИРАЛЕ ЗА ЕКОЛОШКИ КЛИМА-УРЕДИ

Повеќе од четири илјади жители на главниот град, или поточно 4.282 граѓани, поднеле барања за субвенции за купување инвертер клима-уреди за своите домови. А според евиденциите на службите на градската управа, жителите на општината Кисела Вода се рекордери по поднесени барања за субвенционирано купување инвертер клима-уреди со кои во зимскиот период ќе можат да ги затоплуваат своите домови.
Дури 786 жители на оваа општина поднеле барање за субвенции за купување инвертер.
Доколку се земе предвид големината на општината, според упатените, оваа бројка воопшто не треба да изненади, бидејќи таму има голем број објекти за колективно домување, но и куќи, бидејќи е една од најатрактивните населби за живеење во главниот град.
Инаку, според информациите од градските служби, 693 жители на општината Ѓорче Петров исто така побарале субвенции за инвертер клима-уреди. Следуваат општините Гази Баба со 636, Бутел со 487, Карпош со 413, Чаир со 400, Аеродром со 375, Центар 240, Сарај 129 и Шуто Оризари со 123 барања од граѓани.

Градските власти известија дека уште на 22 септември го прекинаа јавниот повик за доделување субвенции, за да ги обработат податоците на пристигнатите барања и да направат пресек за текот на јавниот повик, и истакнаа оти се задоволни од досегашниот одзив на граѓаните на главниот град.
– Град Скопје е задоволен од големиот интерес на јавноста за оваа мерка и доколку се утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, постои можност повикот да се продолжи, за што јавноста ќе биде информирана навреме – информираат градските власти.
Со овој проект градот ги субвенционира граѓаните да набават енергетско-ефикасни начини за затоплување на своите домови, а на граѓаните ќе им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер-уред, но не повеќе од 62 илјади денари во нето-износ.
Првично, градските власти објавија дека јавниот повик ќе трае до 30 ноември, а требаше да бидат доделени 322,4 милиони денари на пет илјади граѓани. Сега, откако ќе се направи пресекот, ќе се утврди дали се останати финансиски средства за продолжување на јавниот повик.
– За жал, мислев дека акцијата ќе трае до 30 ноември, па си велев дека имам време. Ете, сега можеби повеќе нема да се доделуваат средства, па и оваа година ќе ја поминам со греење на дрва и ќе го чекам јавниот повик за аплицирање наредната година – вели Душанка Д., жителка на Бутел.

Сега е во тек предавањето на печките на дрва од страна на граѓаните што аплицирале за инвертер клима-уреди. Во акцијата во Сарај, на пример, беа предадени 90 печки што користат нееколошки енергенти за затоплување.
Значајно е да се нагласи дека во наредните две години, во согласност со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да вршат инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, за да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.
Градот веќе две години ја реализира оваа акција. Минатата година беа издвоени 20 милиони денари и доделени 1.379 субвенции за купување инвертери, додека во 2018 и 2019 година градот даваше по 15 милиони денари за субвенции за набавка на печки на пелети, каде што беа доделени повеќе од 900 субвенции.
Ова е уште една од серијата мерки на Градот за воведување системи за затоплување на домовите на граѓаните што помалку или воопшто не го загадуваат амбиенталниот воздух.

[email protected]