Енергетски ефикасните згради добиваат пониски сметки за 2,5 отсто

Некои скопски општини се обидуваат да им излезат во пресрет на граѓаните и субвенционираат во енергетска обнова на старите згради преку воспоставувањето партнерски однос со здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“. Самоиницијативно може да се организираат и заедниците на станари, но не треба да имаат долгови

Во многу скопски населби има стари згради, со оштетени фасади и дотраени врати и прозорци, кои воопшто не дихтуваат, при што во зимскиот период се губи голем дел од топлинската енергија. Летото е најпогодно годишно време за реконструкција на домовите за подобрување на енергетската ефикасност во нив, но, за жал, за некои граѓани желбите се едно, а финансиската моќ нешто сосема друго. Некои од скопските општини, тргнувајќи од овој проблем на станарите, се обидуваат да им излезат во пресрет на граѓаните преку воспоставувањето партнерски однос со Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“.

Неодамна општината Кисела Вода потпиша меморандум за соработка во областа на енергетската ефикасност во домувањето. Преку ова партнерство, ќе се инвестира во енергетска обнова на колективните станбени згради, што, пак, за жителите на општината ќе значи заштеда на потрошувачката на енергија. Општината ќе субвенционира дел од средствата, односно 30 отсто од потребните пари за поставување нова термоенергетска фасада и за замена на старите прозорци и балконски врати со нови. Седумдесет отсто од средствата ги обезбедува „Хабитат“, со поволна камата од 5 отсто. Тоа значи дека овој престанат дел од вкупната сума граѓаните ќе можат да го исплатат преку поволен заем, чии услови „Хабитат“ ги дефинира заедно со заедниците на сопственици или индивидуалните сопственици на станови. Всушност, на овој начин граѓаните добиваат таканаречени „меки“ заеми.

Рокот за отплата на заменетите врати и прозорци е три години, додека за енергетски ефикасна фасада е седум години.

Скопската општина Карпош на пример ги обнови само фасадите на поголем дел од старите станбени згради, но во овој случај општината субвенционираше 100 отсто.

Општината Кисела Вода, пак, од својот буџет за овој пилот-проект издвои шест милиони денари. Подготвен е и регистар на станбени згради, кој е поделен на урбаните заедници, за граѓаните да се запознаат со условите. Освен Кисела Вода и Карпош, „Хабитат“ има веќе воспоставено соработка со општините Чаир, Гази Баба и Ѓорче Петров. Во општините каде што „Хабитат“ нема потпишано меморандуми за соработка, граѓаните можат и самоиницијативно да се организираат. Од „Хабитат“ велат дека и директно склучуваат договори со фирмата-управител на една станбена зграда или со заедницата на станари, но велат дека граѓаните повеќе сакаат индивидуални договори.

– За да можат да добијат ваква помош за објектот во кој живеат, мора да знаат дека прв услов е зградата да не е понова од 2010 година. Според нашиот правилник, најмалку осумдесет отсто од станарите ќе мора да се согласат да ги заменат старите врати и прозорци или да ја обноват фасадата. Доколку од вкупниот број станари на пример само двајца нема да се согласат, тогаш преостанатите на пример 38 станари ќе мора да платат и за нив. Ако станува збор за социјални случаи, кои со документација ќе го докажат тоа, тогаш во нашиов случај општината 100 отсто ќе го покрие трошокот за тие два стана. Услов е исто така станбената зграда да е колективна А2 домување, а станарите да имаат регистрирано заедница на сопственици или, пак, станарите да имаат управител регистриран во Централниот регистар. Станарите да немаат долгови е многу важен услов за кој граѓаните мора да знаат. Во тој случај сопствениците можат да склучат договори за замена на старите врати и прозорци. Грубата пресметка вели дека, на пример, за стан од 50 квадратни метри се потребни околу 3,5 илјади евра, од кои 1.050 ќе субвенционира општината, пари што еден станар ќе ги заштеди – вели Благоја Урдин, носител на проект со „Хабитат“ во Кисела Вода.

Замената на вратите и прозорците носи и големи придобивки, како што е на пример заштедата на сметките за струја.

– За да се направи замена на старите врати и прозорци со нови мора да се согласни барем 51 отсто од станарите во една зграда, во согласност со законот за домување. За да се почувствуваат ефектите треба 70 отсто од станарите да ги сменат вратите и прозорците. Во зградите што не се приклучени на парно, 40 отсто е заштедата на сметката за струја – вели Лилјана Алчева, заменик-директорка за програма во „Хабитат Македонија“.

Енергетската ефикасност не е само модерен и многу популарен концепт во последните години туку е и важен концепт, бидејќи преку него се добива заштеда на енергија и пари во домот, но се намалува и енергетската потрошувачка на ниво на целата држава.


„Хабитат“ преку отворен дијалог до подобар квалитет во домувањето

„Хабитат Македонија“ работи на прашањето на подобрување на енергетската ефикасност уште од 2009 година. Тоа подразбира енергетска реконструкција на фасадите, промена на надворешните прозорци и врати или санација на покривите. Придобивките за станарите се многубројни.
– Граѓаните добиваат помали сметки за греење/ладење, подобар квалитет на живот, се намалува бучавата, се зголемува вредноста на индивидуалните станови, а секако значаен е придонесот врз намалување на емисијата на јаглероден диоксид. Мерките за енергетска ефикасност не се секогаш евтини и затоа често и самите општини даваат определена субвенција за ваков тип реконструкција. Најголемиот предизвик во овој процес е да се обезбеди согласност на станарите, односно да се организираат за прашањето на реконструкција и финансирање, а „Хабитат“ подготвено и успешно го води и тој процес. Во таа насока се грижиме и залагаме за заживување на Законот за домување и комплетирање на законската рамка, како и за воспоставување отворен дијалог за подобрување на квалитетот на домувањето во Македонија – акцентира Лилјана Алчева, заменик-директорка за програма во „Хабитат Македонија“.