Денес во просториите на М6 Едукативен Центар, се одржа настанот „Едно семејство“ во знак на одбележување на Меѓународниот ден на човечката солидарност, во организација на СОС Детско село. Меѓу присутните почесни гости кои во текот на 2020 година ја поддржаа мисијата на СОС Детско село, беше и генералниот директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје, Душко Весковски.
– Оваа година станавме првото јавно претпријатие кое се вклучува во поддршка на мисијата на СОС Детско село. Токму затоа но и поттикнати од зборовите на големиот татко Херман Гмајер, „Лесно е да чиниш добро, кога многумина помагаат“, ги повикуваме сите општествено одговорни компании и индивидуалци да го следат
нашиот пример – изјави Весковски во своето обраќање.
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја започна својата соработка со СОС Детско село во период на неизвесност и несигурност, на самиот почеток на кризата предизвикана од корона вирусот. Но, со посветеност и голема желба за примена на позитивни практики и промени во општеството успешно се реализираа неколку кампањи за поддршка на децата и младинците без родители и родителска грижа за кои СОС Детско село се грижи 19 години.
– Постигнатите успеси се мотив за да продолжиме и понатаму во остварување на
нашата цел како општествено одговорно претпријатие за ширење и поттикнување на
индивидуалната филантропија – заклучи Весковски.