Илустрација / Фото: Нова Македонија

Сопствениците на големи земјишта и ниви во околината на главниот град интензивно го користат летниот период од годината за нивна обработка и берба на производите. Сепак, чистењето на родот значи и остатоци и ѓубре, кое голем број сопственици не сакаат сами да го исфрлат, па најлесно им е да го запалат. Поради близината на запалените стрништа и поради т.н. ружа на ветрови, кои го носат чадот кон градот, ова станува долгогодишен проблем на Скопје, чии жители и локални власти мака мачат со загадувањето на воздухот

СКОПЈЕ ВО БИТКА СО ПИРОМАНИЈАТА

Сопствениците на големи земјишта и ниви во околината на главниот град интензивно го користат летниот период од годината за нивна обработка и берба на производите. Сепак, чистењето на родот значи и остатоци и ѓубре, кое голем број сопственици не сакаат самите да го исфрлат, па најлесно им е да го запалат. Поради близината на запалените стрништа и поради т.н. ружа на ветрови, кои го носат чадот кон градот, ова станува долгогодишен проблем на Скопје, чии жители и локални власти мака мачат со загадувањето на воздухот.

Се палат огнови на отворено

Речиси не минува ден од летото а да не се забележи оган на отворено. Иако станува збор за помали огнови, сепак, евидентен е бројот на вакви небаре пиромански постапки на некои од жителите на Скопје.
На нивите околу скопската обиколница, во Лисиче, Драчево, Визбегово, Вардариште, честопати може да се забележи чад од запалената трева.
Граѓаните што ги забележуваат ваквите појави и за кои најчесто реагираат објавувајќи ги на социјалните мрежи за да бидат забележани од сите, но и за да стигнат до надлежните, велат дека тоа што се случува е геноцид од невидени размери, бидејќи огнови се палат постојано.
– Живеам во Булачани, па најлесно ми е да стигнам на работното место преку скопската обиколница. Тоа значи дека двапати дневно го поминувам истиот пат. Минувам покрај Смилковско Езеро, а се приклучувам кај клучката кај Бутел 2. Во утринските часови ретко кога можам да забележам оган, но во периодите кога заминувам од работа, може да се забележат и по неколку огна одеднаш на отворено. Многупати ги пријавувам, но многупати не, затоа што се чини дека залудно се пријавуваат. Сопствениците немаат абер да престанат со палење – вели Елизабета, жителка на Булачани.
Слично тврдат и жителите на Драчево и Лисиче, но и оние што го користат булеварот Словенечка, кој минува во Визбегово. Сите велат дека на големите и празни земјишта често се забележуваат огнови, кои освен што загадуваат, претставуваат ризик за настанување на пожар од енромни размери.

Вкупно 516 пријави на огнови на отворено

Градските власти велат дека четири години по ред го спроведуваат проектот за бесплатно чистење на стрништата, со кој се спречува палењето стотици кубни метри отпад што ги загадува воздухот и животната средина. Покрај тоа што палењето на органскиот отпад и стрништа е контрапродуктивно, бидејќи ја прави земјата понеплодна, дополнително чадовите одат во атмосферата и ја зголемуваат загаденоста, ризикувајќи го дополнително и здравјето на најблиските.
– Овој проект е активен и сите заинтересирани може да се јават на телефонскиот број 02/ 274 44 49 за бесплатно подигнување на остатоците од бербата. Дополнително, ако се забележат огнови на отворени, апелираме граѓаните да ги пријават на телефонскиот број 193 – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека бројот на пријавени огнови на отворени, во рамките на проектот и кампањата „Пријави оган на отворено“, последната официјална бројка што ја имаат, од крајот на 2017 до крајот на 2020 година, изнесува 516 пријави.
– Ги повикуваме граѓаните да се вклучат во сите активности за зачувување на животната средина, преку користење на поволностите за бесплатно подигнување на остатоците од бербата, со јавување на телефонскиот број 02/ 274 44 49, како и за пријавување на огновите на отворено, кое можат да го направат на телефонскиот број 193 – информираат од Градот.

[email protected]