Презентирани извештаите од работењето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители
Сите јавни седници на Совет на јавни обвинители и Судски совет и речиси 900 рочишта на главна расправа во 12 основни судови низ државава како и работата на два апелациони суда во поглед на постапувањето по жалбите се дел од 19. годишен циклус на мониторинг на судски постапки кој го спроведува Коалицијата „Сите за правично судење“.
На денешната презентација на извештајот, Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“ информираше дека годишните извештаи се всушност два извештаи од работењето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители и еден извештај кој што се однесува на мониторингот на судските постапки во судовите во државата.
Според извештаите, нема големи разлики во однос на постапувањето и на советите, и на судовите од лани, а детектирани се во суштина истите недостатоци, како во поглед на работењето на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, така и во поглед на судските постапки.
– Со тоа што можеме да забележиме дека Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд во Скопје е малку поекспедитивно во постапувањето во однос на предметите и во доследно почитување на правилата на кривичната постапка, вклучително и начелата на јавност и транспарентност. Меѓутоа, она што беше интересно е што увидовме дека казнената политика во рамки на ова одделение е во голема мера многу слична со казнената политика во останатите постапки, што е малку невообичаено, ако се има во предвид дека станува збор за сериозни кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата – рече тој.
На новинарско прашање за предметот „Таргет-Тврдина“ за кој Апелациониот суд реши да ја уважи жалбата на обвинетите, предмет кој се најде во извештајот, Аврамовски рече дека предметот бил издвоен како таков поради неговото невообичаено долго траење во постапката од втор степен.
– Односно, речиси две години беше овој предмет пред Апелациониот суд и оттаму сметавме дека е битно да се истакне како такво. За овој предмет да се прикаже динамиката на одвивање на истиот, затоа што, еве, особено сега, со ваквата пресуда од Апелациониот суд и враќањето на предметот можеме да очекуваме повторно дека ќе има една многу долга постапка бидејќи има ризик од настапување на застареност истиот е многу веројатно да настапи – рече тој.
Беса Адеми, претседателка и судијка на Врховен суд, во своето воведно обраќање на настанот истакна дека клучните и приоритетните прашања кои се нагласуваат во овој извештај се прашањата за новата стратегија за реформа во правосудниот сектор и за зајакнувањето на довербата на граѓаните во правосудството.
– Довербата граѓаните е од круцијално значење за правилното имплементирање на принципот на владеење на правото. Во таа смисла, потребно е континуирано да се штити интегритетот и независноста на судиите преку доследно почитување на начелото на раздвојување на власта. Ова е една од основните претпоставки на независно судство, како гаранција за остварување на правата и слободите на граѓаните – рече таа.
Адеми посочи дека сите овие активности кои значат мониторинг на работата на судството и обвинителството имаат исклучителен придонес во борбата против корупција. Според неа, транспарентноста, отвореноста, ефикасноста во работењето и преземањето на конкретни мерки за законито и совесно работење се едни од клучните фактори за тоа.