Во изминатите седум години се отворени најмал број на работни места. Целиот стручен кадар заради неможноста да се вработи и да се отвораат конкурси за вработување бегале на страна и целиот стручен кадар е излезен надвор од земјата, изјави министерот за култура и туризам Зоран Љутков, посочувајќи дека веќе прават функционална анализа за тоа што е најпотребно како стручен кадар.
Откако ќе биде направена анализата во 2025 година, Љутков најави дека ќе бидат отворени постоечките работни позиции.
– Правиме функционална анализа на сите позиции што ги имаме по националните установи, што е она што ни е најнеопходно за вработување. Затоа и ги прекинавме конкурсите во 2024 година со одлука на Влада бидејќи навистина се бараат работни позиции што воопшто не ни се потребни – изјави Љутков, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје.
Прашан за недостигот на кадар во Музејот во Велес, Љутков рече дека не само музеите, туку сите институции имаат проблем со стручен кадар, посочувајќи дека и во Музејот на Македонија во последните три години 30 луѓе заминале по основ на пензионирање, а е вработен само еден.
Во однос на Ансамблот на албански ора и песни, каде над 30 уметници останаа без работа, Љутков појасни дека од првиот ден како министер се соочил со прашањето за решавање на статусот на околу 160 уметници на кои им истекува договорот во август, но дека не добил информација дека на овие 34 им е истечен еден месец порано. Вели дека веќе се работи на законско решение и изрази уверување оти во најкраток можен рок ќе биде распишан конкурс за нивно повторно вработување.
– Уште од првиот момент како министер поднесов Предлог- измена на законот за да се реши овој проблем. Тој закон сега е во собраниска процедура, но бидејќи беа малку порано, не ги опфати овие 34. Поднесов барање до Министерството за финансии, имаме позитивно мислење, но во овој момент, бидејќи целата институција е на колективен одмор, ние не можеме да дојдеме до директорот. Побарав од Министерството за култура веднаш да го вратат назад, да го повлечат директорот од одмор, да дојде, ќе направиме ревизија на неговото работење, ќе видиме што се случувало и во најкраток можен рок ќе распишеме конкурс за повторно вработување на тие 34, но во најкраток можен рок ќе се вратат на работа – изјави Љутков.