Илустрација

Денеска е Ден на борецот 4 Јули. На овој ден во 1941 година на седницата на Политбиротото на КПЈ, предводена од Јосип Броз Тито, донесена е Oдлука за започнување на вооружено востание на народите од Југославија против тогашниот фашистички окупатор.
Во чест на Денот на борецот, се потсетуваме на храброста на македонскиот народ и на зборовите на генерал Михајло Апостолски, кои и денес одекнуваат со вистина, и заради временската дистанца а идентични непријателски аспирации кон македонскиот народ и држава, тие се уште погласни од некогаш.

Генерал Апостолски, еден од најзначајните македонски воени и политички фигури од Втората светска војна, во едно интервју за Македонското радио во 1986 година, остро се спротивстави на тврдењата дека Македонците се Бугари.
-Секоја чука (каменита височина) на Плачковица е забележана со борби и тоа баш против Бугарите, против тие што денеска тврдат дека сме Бугари. А кој може сам против себе да се бори? – изјави во таа прилика генерал Апостолски, а неговите зборови денес уште погласно одекнуваат.

На Одлуката на Политбирото на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ), претходи нападот врз Советскиот Сојуз од страна на Третиот Рајх на 21 јуни 1941 година, како и прогласот на Коминтерната до сите комунистички партии „да отпочнат со борба против фашистичкиот окупатор“. Истиот ден, во Белград е одржана седница на Централниот Комитет на КПЈ, на која е издаден проглас со кој се осудува агресијата на фашистичкиот Трет Рајх со планот „Барбароса“ и се повикува народот да се подигне на вооружено востание.
Зошто е битен 4 јули? Токму на овој датум за паметење, донесени се повеќе клучни одлуки за антифашистичката борба, но и за борбата за национално и социјално ослободување: Одлика за започнување на вооруженото востание, за формирање на партизански одреди, и се донесе Проглас за подигнување востание против фашистичкиот окупатор во сите делови на Југославија, вклучително и за Македонија, односно востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Прогласот го напишал Иво Лола Рибар и истиот е испечатен на 12 јули во илегалната печатница на КПЈ во Белград.
Меѓу другото, во Прогласот пишувало: „Народи од Југославија – Срби, Хрвати, Словенци, Црногорци, Македонци и други!… Вие бевте победени во војната, но не бевте покорени. Славната традиција на борбата за правда и слобода од вашите дедовци не смее да биде заборавена. Сега е време да покажете дека сте достојни потомци на своите предци. Сега е време, сега дојде часот да се подигнете сите како еден против окупаторот и неговите домашни слуги, крвниците на нашите народи. На теророт одговорете со масовни удари по најосетливите точки на фашистичките окупаторски бандити. Уништувајте сѐ – сѐ што користат фашистичките освојувачи. Не дозволувајте на нашите железници да пренесуваат воен материјал и други средства кои им служат на фашистичките орди во нивната борба против Советскиот Сојуз. Да направиме од нашата земја цврста тврдина за фашистичките освојувачи”.

Македонскиот народ тоа здушно и сплотено го прифати, масовно организирајќи се за подигање општонародно востание за ослободување од фашистичкиот бугарски, албански и германски окупатор и започнувајќи беспоштедна борба за ослободување на Македонија и за национално и социјална правда. Востанието во Македонија беше подигнато на 11.Октомври 1941 година, и истото заврши триумфално за македонскиот народ и држава, бидејќи со АСНОМ, македонскиот народ и националностите (малцинствата), се изборија за вековниот стремеж за државно конституирање во своја национална држава, во рамките на југословенската федерација.