Фото: Факултет за безбедност-Скопје

Факултет за безбедност – Скопје, единица на УКЛО одржа научно-стручна конференција на тема „Психофизичка подготвеност на припадниците на безбедносните институции во Македонија“.
Конференцијата отвори значајни прашања поврзани со психофизичката подготвеност, професионалната издржливост, менталното здравје, физичката кондиција и интеринституционалната соработка во рамки на безбедносниот сектор, со акцент на потребата од современ и сеопфатен пристап во подготовката на кадарот.

Фото: Факултет за безбедност-Скопје

На настанот, академски кадри од УКЛО во својство на модератори и презентери на актуелни теми, експерти, практичари, припадници на специјални единици и студенти од Факултетот за безбедност – Скопје, ја истакнаа важноста на унапредувањето на образовните политики, студентскиот ангажман и поврзувањето на академската заедница со безбедносниот сектор и други релевантни установи преку заедничко делување.

-Често зборуваме за опрема, за законски решенија, за оперативни капацитети, но на крајот од денот, системот го носат луѓето. И ако тие луѓе не се подготвени ниту една стратегија, ниту една реформа нема да даде целосен резултат. Полицаецот денес не работи во едноставни услови. Тој реагира во ситуации кои се динамични, непредвидливи и често стресни, од интервенции при нарушен јавен ред и мир, до обезбедување настани со висок ризик или постапување во сообраќајни незгоди со сериозни последици. Во такви моменти, одлуките се носат брзо, под притисок и тие одлуки имаат директно влијание врз безбедноста на граѓаните. Затоа, психофизичката подготвеност не е дополнителна вредност туку е основа на професионалноста. Таа значи способност да се остане прибран под стрес, да се реагира рационално, да се издржи физичкиот напор и да се зачува интегритетот во секоја ситуација. Како Министерство, свесни сме дека ова не се постигнува со ад-хок решенија – рече министерот Тошковски.

Фото: Факултет за безбедност-Скопје

Потребен е, рече тој, системски пристап од селекција, преку обука, до континуирана поддршка во текот на кариерата.

-Во овој контекст, сакам да нагласам еден исклучително важен чекор што го правиме, по повеќе од 20 години, го враќаме средното полициско училиште кое треба да биде темел каде младите уште од рана фаза ќе развиваат дисциплина, физичка подготвеност, психолошка стабилност и чувство за служба. Тоа значи дека идните генерации полицајци нема да ја градат својата подготвеност само кога ќе влезат во системот, туку многу порано, што е суштинска разлика и долгорочна инвестиција во квалитетот на безбедноста. Воедно, сакам да нагласам дека ваквите конференции се исклучително важни, затоа што ни помагаат да ги поврземе науката и практиката. Нашата обврска како институции е тие сознанија да ги преточиме во конкретни политики, подобри тренажни програми, системска психолошка поддршка и грижа за благосостојбата на секој припадник на полицијата – рече министерот.

Тој нагласи дека безбедноста не е апстрактен поим.

-Таа зависи од луѓето кои секојдневно стојат на терен, често во сложени и ризични услови. Затоа, инвестирањето во нивната психофизичка подготвеност е инвестирање во сигурноста на сите граѓани – додаде Тошковски.

Проф. д-р Драгана Батиќ, од Фaкултет за безбедност – Скопје, преку својата презентација истакна дека професијата полицаец носи висок степен на стрес поради постојаната изложеност на ризик и опасност, но и поради недостаток на системска поддршка и стигмата околу менталното здравје.
-Истражувањата покажуваат сериозни последици – од анксиозност и депресија до нарушени семејни односи и ПТСП, при што траумата со текот на времето може да се продлабочува. Затоа е неопходно воспоставување организиран систем на психолошка поддршка и превенција, особено во кризни ситуации – посочи таа.

Проф. д-р Јонче Ивановски, од истиот факултет, истакна дека физичката подготвеност е основа за ефикасно и безбедно функционирање на припадниците на безбедносните институции.

-Таа не само што ја подобрува оперативната способност и издржливост, туку директно влијае и врз менталната стабилност, донесувањето одлуки и контролата во критични ситуации. Истовремено, придонесува за подобро здравје, поголема безбедност и повисок кредибилитет на институциите, што ја прави неопходен дел од системската обука и професионален развој – рече тој.

Фото: МВР

На Конференцијата присуствуваше и проректорката за студентски работи, проф. д-р Светлана Николоска, професори и студенти од Факултетот за безбедност – Скопје, експерти, практичари и припадници на специјални единици, што дополнително ја потврди важноста на темата. Значајните прашања беа мултидисциплинарно дискутирани благодарение на присуството на повеќе безбедносни структури, спортски федерации и стручни организации, меѓу кои и Центарот за обука при МВР, Комората на психолози, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Управата за финансиска полиција, АНБ, Агенцијата за разузнавање, Армијата, како и претставници на повеќе федерации, клубови и здравствени установи.
Настанот поттикна размена на знаења, искуства и добри практики и отвори простор за унапредување на политиките и стандардите што се однесуваат на психофизичката подготвеност на припадниците на безбедносните институции во државата.