Над 155.000 парчиња пиротехнички средства се откриени годинава, што е трипати повеќе споредено со минатата 2024 година, истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на показната вежба во центарот на Скопје, организирана од МВР во соработка со Црвениот крст и ученици од СУГС „Владо Тасевски“, каде преку реална симулација беа прикажани повреди од несоодветна употреба на пиротехнички средства, во рамки на кампањата „Забавна за момент, кобна за цел живот“.
– Ова е добро од аспект на активноста на Министерството за внатрешни работи, но лошо во однос на количината на вакви средства во употреба. Само овој месец се откриени дополнителни над 30.000 парчиња, што покажува дека засилените акции даваат резултати – рече Тошковски.
МВР, додаде, постапува континуирано, преземајќи репресивни, но и превентивни мерки.
– Треба да ја зголемиме свеста кај граѓаните дека пиротехниката не е неопходна за добра прослава. Особено е опасно кога се користи непроверена или неконтролирана пиротехника, затоа и апелираме да се прославува без неа. Повторувам, за трипати повеќе се откриени пиротехнички средства оваа година во споредба со претходните, што претставува признание за работата на припадниците на Министерството за внатрешни работи. Ќе продолжиме со засилени активности и во следниот период, со акцент на превенцијата, особено во училиштата – нагласи Тошковски.
На показната вежба присуствуваа и директорката на Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија Јасмина Ѓорѓиовска-Павловска и претседателот на Црвениот крст Саит Саити.
Ѓорѓиовска-Павловска истакна дека Клиниката за пластична хирургија неколку години по ред е дел од кампањата „Сигурни празници без употреба на пиротехнички средства“, со цел, како што рече, да се прослават празниците без никакви последици.
– Ова беше една мала вежба која што ја организираме неколку години по ред, сите заедно со МВР, Клиниката за пластична хирургија и Црвениот крст, за да прикажеме реална слика на несоодветната употреба на пиротехнички средства. Ние, како Клиника за пластична хирургија, веќе девет години заедно со Министерството за внатрешни работи ја спроведуваме кампањата „Сигурни празници без употреба на пиротехнички средства“, со цел сите заедно да ги прославиме празниците без никакви последици – посочи Ѓорѓиовска-Павловска.
Многу од пораките што се испраќаат, според неа, не допираат до сите граѓани и затоа, рече, е важно ваквите показни вежби да ја прикажат реалната состојба. Ѓорѓиовска-Павловска појасни дека повредите за некои деца може да бидат минорни со мала изгореница, но, исто така, нагласи, тие можат да бидат и сериозни со губење на прст или дел од шаката.
– Како апел до сите семејства, сакам да истакнам дека кога сме на часови во училиштата, децата често велат дека токму родителите им ги купуваат пиротехничките средства. Затоа апелирам, родителите да не им ги купуваат и децата да не ги употребуваат, за секое дете да може безбедно да си ја создава својата иднина. Со инвалидитетите и повредите што се добиваат на рацете, не секој може да биде пијанист, хирург или дури нормално да го користи својот телефон – истакна Ѓорѓиовска-Павловска.
Во врска со статистичките податоци на повреди предизвикани од пиротехнички средства, Ѓорѓиовска-Павловска посочи дека минатата година регистрирани биле три повреди кај деца.
– Минатата година немавме повредени возрасни, но имавме неколку деца. На Детската хирургија беа примени три пациенти, а една повреда имавме на хируршките клиники. Затоа, оваа година заедно со МВР ја проширивме кампањата и на учениците од седмо, осмо и деветто одделение, за сите да ја слушнат пораката – рече директорката на Клиниката за пластична хирургија.
Претседателот на Црвениот крст Саит Саити, пак, истакна дека оваа година соработката со МВР е проширена и дека вакви активности се организираат и во други градови.
– Оваа година соработката со Министерството за внатрешни работи ја проширивме, освен во Скопје, организираме вакви настани во повеќе градови, со учество на повеќе сектори од МВР, со тенденција за наредните години уште повеќе да се прошири оваа кампања. Сметаме дека ваквите кампањи се и тоа како корисни и вродуваат со плод, бидејќи веќе забележуваме намалување на вакви инциденти, а целта е следните години пораката да стигне до што поголем број средини. Како претставници на Црвениот крст, чувствуваме обврска во рамките на нашата мисија и визија да допреме до што повеќе луѓе, со цел превенција и подигање на свеста – рече Саити.


































