Фото: Маја Јаневска Илиева

Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ) доби официјална поддршка од Европска конфедерација на синдикати (ETUC) во своите заложби за зголемување на минималната плата, како и на останатите плати во државата.

Во писмото адресирано до претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, се истакнува дека активностите на Синдикатот во одбрана на работничките права, промоцијата на правична минимална плата, обезбедувањето соодветен раст на примањата и јакнењето на колективното договарање се легитимни и од исклучително значење.

-Тие ги одразуваат реалните потреби на работниците кои се соочуваат со зголемување на трошоците на живот и зголемена економска несигурност. Вашето залагање за пристојни услови за живот и работа е во сржта на синдикалното дејствување и е цврсто засновано на меѓународните и Европските стандарди на трудот – се вели во писмото.

Од Европската конфедерација на синдикати дополнително изразуваат загриженост поради, како што наведуваат, пријавите за притисоци и заплашувања кон синдикалните претставници.

-Особено сме загрижени од пријавите и извештаите за лично таргетирање и заплашување што несомнено има за цел влијание врз претставниците на синдикатите и нивните семејства. Ваквите дејствија се апсолутно неприфатливи и некомпатибилни со демократските принципи. Слободата на здружување, колективното договарање и правото на преземање синдикална акција, активности и чекори, вклучително и штрајк, се фундаментални права заштитени со Конвенциите на МОТ и Европските инструменти за човекови права. Овие права мора да се почитуваат и во Законите и во праксата. Европската конфедерација на синдикати (ETUC) цврсто стои на ваша страна. Ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата и каде што е потребно да изразуваме загриженост на Европско ниво – стои во писмото од Европската конфедерација на синдикати.