Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рекла претседателката Гордана Силјановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Таа ја поздравила посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Силјановска-Давкова укажала на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес. Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложила државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодариле за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.



































