фото: Кабинет на претседателката

На централната свеченост по повод 18 август, Денот на армијата, што се одржа во касарната „Јане Сандански“ во Штип претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска нагласи дека филозофијата на самоодржливост, наследена од Илиденците и партизаните, претставува темел на македонската воена доктрина. Таа потсети дека армијата повеќе од три децении ја гради својата приказна како вистински чувар на татковината: од учество во мировни мисии до помош на граѓаните во кризни состојби и затоа ужива највисока доверба меѓу граѓаните, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

– Повеќе од три децении, армијата ја пишува својата приказна како вистински custos patriae, чувар на татковината. Визијата на генералштабот, дејството на командата за операции, знаењето на командата за обука и доктрини, поддршката на логистичката база и честа на баталјонот за почести се присутни во секој сегмент од армиското делување. Нашата армија е столб на стабилноста и мирот: од придонесот во мировната мисија УНИФИЛ, до ангажман во мисијата КФОР, каде во ноември 2020 година македонските мировници го достигнаа највисокото ниво на НАТО одговорност. Денес, над 180 армиски припадници под македонското знаме се вклучени во мировни мисии и операции – рече Силјановска Давкова.