Претседателката Гордана Силјановска-Давкова со воведен говор ја отвори панел-дискусијата на Европски демократски студенти, во рамки на Зимскиот универзитет на ЕДС 2026 што се одржува во Скопје, пренесе МИА.
Во своето обраќање, таа се осврна на кризата на демократијата во Европа и светот, демократскиот дефицит на Европска Унија, како и на растечките безбедносни закани и исклученоста на земјите од Западен Балкан од членството во Унијата.
Според претседателката, барањата што државата ги добива од соседите со децении отстапуваат од Копенхагенски критериуми и не се во согласност со основните акти на ЕУ. Таа потсети дека, и покрај бројните позитивни оценки од Европски парламент и Европска комисија, процесот на пристапување често бил блокиран во Европски совет поради вета од одредени земји членки.
Осврнувајќи се на претходните проширувања на ЕУ, Силјановска-Давкова посочи дека постојат примери на земји кои станале членки иако не ги исполнувале целосно критериумите, што, според неа, укажува на двојни стандарди и нарушен кредибилитет на Унијата. Таа нагласи дека Западниот Балкан не претставува товар за ЕУ, туку дека неговата интеграција ќе придонесе за надминување на поделбите, за поголема безбедност и за стабилност на Европа.
Претседателката оцени дека, иако во моментот е тешко да се зборува за реформи на ЕУ, тие се неопходни и треба да бидат дел од идната политика на Унијата. Таа повика Брисел итно да го преиспита својот пристап кон регионот, особено во контекст на засилените безбедносни ризици, промените во глобалниот поредок, слабеењето на мултилатерализмот и кризата на лидерство.
Според неа, војните создаваат услови за појава на авторитаризам и нови миграциски бранови, но сепак изрази уверување дека постои простор за дипломатски напори и преговори за враќање на мирот, безбедноста и демократијата.
Во рамки на дискусијата, младите учесници од ЕДС се заблагодарија за можноста да разменат мислења за демократијата, безбедноста и европската перспектива на Западен Балкан. Тие поставија повеќе прашања до претседателката, меѓу кои и за улогата на младите во политиката, зголемувањето на учеството на жените во носењето одлуки, безбедносните приоритети на државата и предизвиците за одржување на граѓанското единство во мултиетничко општество.

































