Местото на Западен Балкан е во Европската Унија. Ова значи дека проширувањето на Унијата треба да се забрза и вистинските преговори со Македонија да започнат веднаш, порача министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто кој е во работна посета на земјава.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, имајќи ја во предвид војната во Евроазискиот континент.
-ЕУ е сериозно ослабната. Прашањето е како да го сопреме ослабнувањето. Сметам дека првиот чекор е да признаеме дека Унијата има потреба од Западниот Балкан. Треба да се признае дека на ЕУ и е потребна свежа енергија која доаѓа од Западниот Балкан, а проширувањето да се забрза веднаш со С.Македонија. Вистинските преговори треба да почнат веднаш и да се одржуваат до крај, за што е можно побрзо С.Македонија да стане членка на ЕУ – рече Сијарто.
Но, како што потенцира, уште има земји кои го попречуваат и успоруваат овој процес.
-Северна Македонија е земја кандидат веќе 18 години. Земјата 18 години има кандидатски статус, и не може да ги започне преговорите и на овој начин се покажува непочитување кон земјата. Ова е котнрадикторно на интересите на ЕУ. Тие кои што го блокираат стартот на овие преговори, треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на ЕУ – додаде Сијарто.
Тој појасни дека кога Унгарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, ќе направи се да се овозможи пристапувањето на Македонија и на целиот Западен Балкан.
Сијарто информираше дека на денешната средба со Османи разговарале и за зголемувањето на таксите за транзит на природниот гас од страна на Бугарија и потенцираше дека ова претставува чин на непријателство.
-Неодамнешниот чекор што го презеде Бугарија, кога со ултиматум ги зголеми давачките за Унгарија, Србија и С.Македонија, односно таксите за транзит за природниот гас претставува чекор на непријателство. Ние ќе преземеме дополнителни чекори и дејствија во однос на оваа состојба. Ја започнавме прекршочната постапка на ЕУ кон Бугарија и денеска заедно со Османи се договирвме дека Владата на С.Македонија и унгарската Влада ќе се консултираат и ќе продолжат да ги координираат сите понатамошни чекори, за да се осигураме дека енергетската ебзбедност на ниедна од нашите земји нема да биде загрозена од дејствијата на Бугарија – додаде Сијарто.
Во однос на ова, министерот Османи на прес-конференцијата се надоврза дека станува збор за нелегално воведена такса која што е спротивна на европските правила, и со тоа и се наштетува на економијата на нашата земја во сегашниот критичен период.
-Ние ја информиравме Европската Комисија и разговаравме за можен координиран пристап во преземање на иницијативи со цел да се отстрани оваа нелегално поставена такса – додаде Османи.
Според него, минатонеделниот извештај на ЕК нотира дека државата го нема изгубено чекорот со останатите предводници во процесот и нивото на генералната подготвеност е на солидно ниво за натпревар.
-Следната година во второто полугодие Унгарија ќе претседава со ЕУ и очекувам како и досега силно и гласно да ја поддржи нашата евроинтеграција и затоа сите треба да бидеме обединети за европската идеја и да обезбедиме дека по толку години чекање нема повторно да се создаде застој во европристапниот процес во момент кога тој реално добива на забрзување заради геополитичките околности – рече Османи.
Тој порача дека целта на Унијата е до март 2024 година да направи прв трансфер на пари кон С.Македонија и другите земји во регионот на Западен Балкан.
-Нашите земји имаат блиски пријателски односи. Унгарија е наш десети трговски партнер и осми странски инвеститор во земјата. И оваа позитивна статистика не прави оптимисти за уште посветла иднина помеѓу нашите две земји кои следната година слават 30 години од воспоставување на дипломатските односи и со нетрпение очекуваме да создадеме подлабоки врски преку градење на ова важно пријателство во годините што доаѓаат – додаде Османи.