Фото: „Нова Македонија“

Со поведената постапка на Уставниот суд за балансерот

Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавен сектор, односно одредби од акти оспорени од страна на Државната комисија за спречување корупција

 

Етничката припадност како критериум при вработување во јавниот сектор се применува од донесувањето на Охридскиот рамковен договор, но во Уставниот суд велат дека сега првпат добиваат иницијатива за преиспитување на алатката балансер. Самото поведување постапка за преиспитување на уставноста на алатката предизвика жестока дебата меѓу судиите. Некои од судиите сметаат дека во последните години таа ѝ служела само на политиката

Уставниот суд донесе одлука да се „замрзне“ употребата на алатката балансер, всушност методологија за спроведување на правото за правична и соодветна застапеност на малцинствата при вработувања во јавниот сектор. Во практика тоа значи дека престанува да се применува оваа алатка како критериум за вработување до носењето на конечната одлука за уставноста на оваа методологија од страна на Уставниот суд. Конкретно и правно, Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за вработени во јавен сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас при вработување во јавен сектор, односно одредби од акти оспорени од страна на Државната комисија за спречување корупција. Судот ги оцени како основани наводите во иницијативата на комисијата и ги прошири сомнежите за неуставност и незаконитост и на други одредби и по сопствена иницијатива поведе постапка за одредби од истите закони и подзаконски акти што произлегуваат од нив.

Во оваа фаза Уставниот суд изразува сомнеж дека се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот што се признаени во меѓународното право и утврдени во нашиот устав, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, кои се темелни вредности на кои почива нашиот уставноправен поредок.

Судот изрази сомнеж дека со одредбите за кои поведе постапка се доведува во прашање уставно загарантираниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот, утврден со членот 9. Понатаму, уставната гаранција секому под еднакви услови да му е достапно секое работно место, утврдено со членот 32, како и членот 54, според кој ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско, по основа на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Судот донесе и т.н. привремена мерка за оспорените одредби, што значи додека не се донесе конечна одлука не може да се применуваат.

Борче Давитковски; Алатката балансер е замрзната, не е укинато правото на правична и соодветна застапеност

Универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски укажува дека и овој пат политиката веднаш ги замагли правните аргументи за постапката на Уставниот суд за привремено замрзнување на балансерот.
– Грешката во перцепцијата, која предизвика лавина од политичко-етнички реакции, е дека со одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за преиспитување на уставноста и привремено замрзнување на употребата на методологијата балансер практично се укинува правото на правична и соодветна застапеност. Веднаш треба да се расчисти дека принципот за правична и соодветна застапеност е загарантиран со Уставот и не се укинува, туку ќе се применува и понатаму. Уставниот суд ќе ги преиспитува функционалноста и примената на алатката, т.е. методологијата со која се спроведуваше правото за правична и соодветна застапеност, а за која има голем број докази и искуства низ годиниве дека е злоупотребувана. Со добар маневар, без да се изјасни дали алатката е противуставна, Уставниот суд практично „топката“ ја префрли во дворот на Владата и Министерството за јавна администрација, кои треба да најдат ново решение за примена на принципот на правична и соодветна застапеност – вели професорот Борче Давитковски.

Експресна политизација на поведената постапка од Уставниот суд за балансерот

Етничката припадност како критериум при вработување во јавниот сектор се применува од донесувањето на Охридскиот рамковен договор, но во Уставниот суд велат дека сега првпат добиваат иницијатива за преиспитување на алатката балансер. Самото поведување постапка за преиспитување на уставноста на алатката предизвика жестока дебата меѓу судиите. Некои од судиите сметаат дека во последните години таа ѝ служела само на политиката.

Вработувањата според етничка припадност се применуваат од донесувањето на Охридскиот рамковен договор, но, како што велат од Уставен, сега првпат добиваат иницијатива за преиспитување на алатката. Тоа, пак, предизвика жестока дебата меѓу судиите. Тие сметаат дека во последните години ѝ служела само на политиката.
– Мерката што ја презела државата пред 23 години за остварување на рамноправноста на одредени заедници, тогаш била оправдана. Кога ќе ја изгуби смислата за своето постоење, таа продуцира нееднаквост – изјави во дебатата претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, кој е и судија известител за овој предмет.

Во слична насока размислува и оценува судијката Ана Павловска-Данева, која смета дека „од алатка и механизам за правична застапеност, балансерот од 2016 година до денес се претвори во механизам за партизација, непотизам и корупција во јавниот сектор“.

За да се добие перцепција во јавноста дека постапувањето, односно преиспитувањето на уставноста на балансерот предизвика своевидна етничка поларизација во самиот Уставен суд придонесе фактот што во одбрана на алатката застанаа судиите што ги претставуваат етничките заедници во судот. Тие предупредија дека одлуката може да ги наруши меѓуетничките односи.
– Ако имало злоупотреби, институциите биле должни да иницираат постапки за одговорност на лицата што лажеле за својата етничка припадност – се спротивстави судијата Осман Кадриу на еден од аргументите за злоупотреба на балансерот.

Поларизацијата на аргументите „за“ и „против“ балансерот во Уставниот суд и самата привремена одлука за негово привремено замрзнување речиси веднаш се рефлектираше со реакции од партиите од албанскиот етнички блок. Реакциите главно беа во насока на негодување и сомнеж за загрозување на правото за правична и соодветна застапеност, но и меѓусебни политички обвинувања во албанскиот политички блок за намалување на правата (најмногу) на граѓаните од нивната етничка заедница, како и одредени најави за можно нарушување на меѓуетничките односи.


Реакции на партиите за „замрзнувањето“ на балансерот

Партијата за движење на Турците излезе со реакција за поведената постапка на Уставниот суд за балансерот, но и за етничката поларизација во дискусијата на судиите, во која се вели дека „балансерот беше злоупотребуван, а сега Владата треба да најде ново решение за правична застапеност на етничките заедници во државните институции“. Исто така во реакцијата на ПДТ се нагласува дека е „загрижувачки што сме сведоци на поларизација по етничка основа во самиот Уставен суд, кој е еден од најважните столбови на демократијата во нашата држава и треба да биде чувар на правата на сите граѓани“. Коалицијата Вреди, која партиципира во власта, објави реакција на одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н. балансер. Оттаму исто така информираа дека работат на нов закон за решавање на ова прашање.

Влен (Вреди) остро реагира на одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и замрзнување на т.н. балансер. Оваа одлука е инспирирана од очигледната потреба на криминалните структури на претходната власт за создавање меѓуетнички проблеми и дестабилизација на внатрешните односи во државата. Сакаме да ѝ укажеме на јавноста дека сите судии, без исклучок или каква било припадност, се избрани со гласови на ДУИ во претходните мандати. ДУИ им давала поддршка на сите оние што денес поведоа постапка против т.н. балансер, се наведува во соопштението од партијата. Ј.П.