Чомски има една мисла: „Убеди го народот дека тој е виновен за својата беда и тој народ нема да крене револуција“. Тоа, за жал, се случува кај нас, состојба да веруваме дека сме виновни за секаква криза која постојано се појавува – објаснува Јовановска-Стојановска
Стресот од секојдневното зголемување и менување на цените на основните производи за живот граѓаните го истураат на социјалните мрежи, а сето тоа се зачинува со сарказам, кавги, говор на омраза и дневна политика. Додека социолозиите велат дека тоа е знак оти општеството ни е загадено, пред сè со политички поделби, психолозите предупредуваат дека секоја егзистенционална несигурност на еден човек предизвикува нарушување во повеќе сегменти од неговата психолошка или физичка состојба.
Социјалните мрежи издувен вентил
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска вели дека состојбата која што се случува на социјалните мрежи е потполно во корелација со она што ни се случува во реалниот живот.
– Тоа не е пренасилена реакција на нешто, која би ја нарекле паника или хистерија, туку е состојба на криза, која реално ја чувствуваме. Досега не сме имале нагли поскапувања или инфлација и наеднаш се соочуваме со таква состојба. А, социјалните мрежи се место каде луѓето го изнесуваат својот став. За разлика од минатото сега информацијата брзо се шири и затоа масовноста и проширеноста создава можеби поинаква слика за социјалните мрежи – објаснува таа.
Јовановска-Стојановска објаснува дека никој во земјата не направил психолошко истражување преку кое ќе имаме слика што точно мислат и што прават граѓаните во овие кризни времиња.
– Секогаш имаме податоци од западните земји, па ние некако пробуваме да се вклопиме во туѓи мерки. Но, оваа состојба е продолжение на она што ни се случи со ковид- пандемијата. Повторно на површина испливуваат прашањата што ќе биде со нас, ќе имаме ли работа, ќе останеме ли живи. Начинот на живот се менува, стравовите се реализираат, а енергетската криза на секое поле ќе ги погоди токму најранливите категории на граѓани – објаснува таа.
Народот не е виновен за состојбите кои се случуваат во општествата, особено на економски или енергетски план.
– Кај Чомски има една мисла: „Убеди го народот дека тој е виновен за својата беда и тој народ нема да крене револуција“. Тоа, за жал, се случува кај нас, состојба да веруваме дека сме виновни за секаква криза која постојано се појавува – објаснува Јовановска-Стојановска .
Предупредува дека младината ќе стане анксиозна и депресивна, зашто гледа дека нема иднина во нејзината држава.
– Затоа, пишувањето на социјалните мрежи може да се смета и како издувен вентил. Имаат право да зборуваат, да го кажат она што го мислат, да се изразат себеси. На тој начин покажуваат незадоволство, како и дека не сакаат да веруваат дека се виновни за оваа криза, како и за политиката која се води во земјата. Така си олеснуваат. Иако поефектно би било тоа да го изразат преку некое спортување – посочува психологот Јовановска- Стојановска.
Предупредува дека оваа криза и ќе се одрази и врз психолошкиот живот на децата.
– Последиците од онлајн-наставата ќе се рефлектираат во иднина, во насока на згомено насилство, недостиг на внимание и концентрација, намалена мотивација за учење – заклучува психологот.
Социјалната несигурност со тон на политички поделби
Професорот по социологија Ѓорѓи Тоновски вели дека состојбата со економска и енергетска криза создава кај граѓаните несигурност во неизвесна иднина.
Така што, нивната реакција на социјалните мрежи е сосема нормална состојба за условите во кои живееме.
– Но, темата, во случајот ценовните поскапувања, кризата со струја или нафта е податна и за политизирање, односно за некаков атак врз одредена политичка партија. Веќе е познато колку нашите граѓани се политички поделени. Разликата е како на социјалните мрежи оваа состојба се тонализира, со каков призвук и со какви намери. Не знаеме кој со каква намера тоа го презентира – посочува тој.
Според него, состојба која го доведува во прашање стандардот на граѓанинот, секако дека е драматична и така се презентира секаде, па и на социјалните мрежи.
– Социјална несигурност и неизвесност доаѓа и од Украина. Луѓето ја следат тамошната сстојба и си велат, сега е скапо, а што ќе биде во услови на евентуална војна. Тоа влијае на тонализирањето што го гледаме на социјалните мрежи од типот „Леле, луѓе ќе умреме од глад!“. Свесни сме за слабите економски капацитети кои ги имаме како држава – додава тој.
Сепак, според него, во ова време треба постратешки да ги поставиме проблемите, во насока на искористување на природни ресурси кои ги има земјата, но и во вложување на квалитетот на образованието.