Фото: „Нова Македонија“

Годишнина од клучен настан од блиската историја: Потсетување на уставноправната обврзаност за сесрдна грижа за Македонците надвор од државата

  • Денес се навршуваат 35 години од донесувањето серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Имено, во таа 1990 година меѓу донесените амандмани во Собранието на Македонија беше и амандманот 58, за кој проф. д-р Мишо Докмановиќ констатира дека „со овој уставен амандман за првпат беше воведена експлицитна одредба во еден македонски устав, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во соседните земји“!

  • Амандманот 58 гласеше: „СРМ се грижи: за положбата и правата на деловите на македонскиот народ во соседните земји; за Македонците во другите земји; за иселениците од Македонија и за граѓаните на привремена работа во странство и ги поттикнува и помага одржувањето и развојот на врските со нив.“

  • Дваесет и девет години потоа, имено на 11 ноември 2019 година, како директна последица на усвоениот Преспански договор и бугарскиот договор, македонското Собрание ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со тоа, целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот, и македонската држава не само што се откажа од грижата за македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни држави туку и ги прогласи како тамошна дијаспора!

  • Така, Македонија, според странски правни експерти, „во формална смисла, од уставноправен аспект, многу тешко или никако не ги препознава припадниците на македонскиот народ“ (кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнаени национални малцинства во соседните држави, пред сѐ во Грција и Бугарија).

  • Од друга страна, издвојуваат соговорниците, сите балкански држави во своите устави како висок приоритет имаат јасно стипулирано дека „деловите од нивните народи што живеат надвор од границите на нивните држави ќе уживаат право на заштита од матичната држава, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“!

  • Македонија има легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави на Балканот и во светот. Тоа легитимно право го црпи од легалитетот генериран од принципите и нормите на меѓународното право! Аналогно, поаѓајќи од обврската на усогласување на внатрешното право со меѓународното право, во македонскиот устав во иднина би требало активно да се размислува во насока „попедантно и почисто да се внесе одредба со која се потврдува суверениот легалитет за обврската на матичната држава да се грижи за своето малцинство надвор од државните граници“!.


  • Тоа е нешто што ни е познато, блиско, нешто што сме го имале пред 35 години како „национална држава дефинирана како таква со Устав“, а што брутално пасивно- агресивно ни го одзеле со ултиматуми, притисоци, уцени… заради влез во ЕУ и НАТО, па дури и со наметнати воени судири, заради дисциплинирање на Македонија и нејзино моделирање по теркот на (нео)либералните европски елити и (тогашни) американски такви политики.


  • Денешната 35-годишнина од донесувањето на амандманот 58, кој се однесуваше конкретно на „обврската за грижа за македонското малцинство во соседните земји“ е директен повод за нашата анализа, која исцрпно ќе ја претставиме во две продолженија.


АНАЛИЗА НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД БРИШЕЊЕТО НА АМАНДМАНОТ 58 ОД МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ ПО ПОВОД 35-ГОДИШНИНАТА ОД НЕГОВОТО УСВОЈУВАЊЕ (1)

  • Анализата на македонските устави и од пред прогласувањето на самостојноста и независноста покажува дека, на пример, во Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година во Глава VII став 4 беше утврдено: „Социјалистичка Република Македонија, во рамките на надворешната политика и меѓународните договори на Југославија, се грижи за почитување на правата на деловите на македонскиот народ, кои живеат вo други земји како национално малцинство“. Оваа уставна одредба на највисокиот македонски акт од пред 51 година, како и сѐ потоа што наложуваше уставна и законска грижа за Македонците надвор од Македонија, беше „збришана“ со Преспанскиот и бугарскиот договор

Свето Тоевски

Фотографија од амандманот 58 од оригиналниот број на Службен весник од 1990 година

На 20 септември 1990 година Собранието на тогашна Социјалистичка Република Македонија усвои низа амандмани на Уставот, меѓу кои беше и амандманот 58. Истакнувајќи ја неговата важност, професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје д-р Мишо Докмановиќ ќе напомене: „Собранието на СРМ подолг временски период се занимаваше со прашањето за положбата на македонското малцинство во соседните земји. Во таа насока на 22 ноември 1989 година Собранието усвои заклучоци за односите на СФРЈ со соседните земји, а особено во контекст на признавањето и почитувањето на правата на македонското малцинство. Во тој контекст, Собранието, меѓу другото, побара како од сојузните, така и од републичките органи, да го следат остварувањето на правата на малцинството, како и да предлагаат преземање соодветни мерки и активности. На 7 јуни 1990 година, Собранието донесе и посебна Декларација за односите со соседните земји и положбата на македонското национално малцинство“ (проф. д-р Мишо Докмановиќ: научна студија „Сами на своето: кратка историја на македонската независност / 1990-1993/, стр. 87).

Овој правен експерт дополнува дека со таа декларација од 1990 година за положбата на македонското национално малцинство во соседните земји, покрај другото, бес изразени загриженост и вознемиреност поради негативниот однос кон положбата и правата на македонското малцинство во Бугарија, Грција и Албанија.
– Со Декларацијата се побара осовременување и заживување на југословенската надворешна политика и за остварувањето на деловите на југословенските народи во соседните земји. Грижата за правата на македонското малцинство беше вклучена и во одредбите на Уставот од 1991 година и претставуваше извор на дополнителна напнатост во односите со соседните земји, особено со Грција и Бугарија – истакнува Докмановиќ.

„Нова Македонија“ има пишувано опширно во многу пригоди во изминативе години и годинава за неправдите и проблемите со кои се соочуваат Македонците во Бугарија и Албанија, кои таму се изложени на огромни притисоци за денационализација и асимилација. Затоа денес ќе се осврнеме на положбата и проблемите со кои се судираат Македонците во Албанија, кои, според изјавата на Ендрит Фетаху, потпретседател на тамошната партија Македонска алијанса за европска интеграција, и натаму се третираат како граѓани од втор ред од страна на албанската држава. Во интервјуто што го даде на 17 септември за весникот „Илинден“ на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Фетаху укажува дека позицијата на Македонците во Албанија останува кревка и нерамноправна, и покрај постојните ветувања и законите.
– Иако официјално презеде одредени чекори за признавање на малцинствата, албанската држава во пракса не покажа вистинска волја да обезбеди целосна рамноправност за Македонците. Сè уште сме третирани како граѓани од втор ред: нема образование на нашиот мајчин јазик, нема инвестиции во областите каде што живееме, ниту барем минимална застапеност во државните институции. Оваа тивка дискриминација мора да заврши, бидејќи европската интеграција на Албанија не може да се гради врз негирање на правата на малцинствата – посочува Ендрит Фетаху.

Фото: „Нова Македонија“

Тој особено посочува на „невидливоста“ на Македонците во политичките процеси во Албанија и нивната отворена дискриминација. Има многубројни проблеми, но главниот е тоа што албанската држава не ги спроведува законите што ги донела. Образованието на македонски јазик е речиси непостојно надвор од Преспа, иако е фундаментално право. Многу македонски села и заедници се соочуваат со длабока сиромаштија, изолација и целосен недостиг од развојни проекти од владата. Во исто време Македонците се речиси невидливи во државната администрација и политичките процеси, што е неприфатливо за земја што тврди дека е демократска. Овој третман претставува отворена дискриминација и кршење на европските стандарди за човекови права.

Потпретседателот на партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Фетаху упатува и порака, која треба да ја чуе не само албанската туку и македонската држава: „Мојата порака е јасна: доста молчење и покорност! Мора да застанеме обединети и гласно да го бараме она што е наше. Не треба да дозволиме нашите деца да растат без да го учат мајчиниот јазик, не треба да дозволиме нашиот идентитет да се изгуби поради запоставување или дискриминација од страна на државата. Македонската алијанса за европска интеграција нема да запре сè додека Македонците во Албанија добијат еднакви права, училишта на мајчин јазик, поддршка за нашата култура и достојно политичко претставување. Нема да се повлечеме, бидејќи правдата е на наша страна. Од суштинско значење е да се одржи жива македонската кауза во Албанија. Никогаш нема да замолчиме и ќе се бориме за еднаквост, достоинство и подобра иднина за секој Македонец во Албанија“.

Ендрит Фетаху на најјасен можен начин појаснува зошто мора да се вратат Македонците во Уставот на Македонија, како што и се случи пред 30 години со усвојувањето на амандманот 58: затоа што мора да се стори сѐ за да се одржи во живот македонската кауза во Албанија, Бугарија, Грција, Косово и секаде каде што живеат Македонците на Балканот заедно со својот македонски етнички идентитет и мајчиниот македонски јазик.

Преспанскиот и бугарскиот договор го избришаа уставниот амандман 58 од 1974 година за законска грижа на Македонците надвор од државата

Сепак, анализата на македонските устави и од пред прогласувањето на самостојноста и независноста покажува дека, на пример, во Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година во Глава VII став 4 беше утврдено: „Социјалистичка Република Македонија, во рамките на надворешната политика и меѓународните договори на Југославија, се грижи за почитување на правата на деловите на македонскиот народ, кои живеат вo други земји како национално малцинство“. Оваа уставна одредба на највисокиот македонски акт од пред 51 година, како и сѐ потоа што наложуваше уставна и законска грижа за Македонците надвор од Македонија, сето тоа беше „збришано“ со Преспанскиот и бугарскиот договор.

Применувајќи го Преспанскиот договор, Собранието на Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2019 година го усвои амандманот 38 на Уставот, кој целосно ги замени членот 49 и амандманот 2 на Уставот на државата Македонија, а предвидува и дека „(2) Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство. (3) Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и за дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите и ги негува и унапредува врските со татковината. (4) Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи“.

Со амандманот 36 на Уставот, тогашната влада на Македонија се откажа од Македонците во соседните држави и од Македонците во светот! Првата реченица од ставот 1 на членот 49 на Уставот, која гласеше „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји“, беше заменета со формулацијата „Републиката ги штити, ги гарантира и ги негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ“. А зборовите „грижата на Републиката за иселениците од Македонија“ ги замени со формулацијата „Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ…“ Појасно кажано, беа прогласени како дијаспора и Македонците од соседните држави, Македонците од сите делови на некогашните етноисториски граници на Македонија!

Треба да се имаат предвид и бугарскиот договор и бугарската Рамковна позиција, која вели: „(1) Република С. Македонија треба да ја суспендира и да се воздржи од водење политика, независно под каква било форма, на поддршка и промоција на барања за признавање на таканареченото ‘македонско малцинство’ во Бугарија. Република С. Македонија безрезервно и навремено да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со членот 11 од Договорот за добрососедство, јасно кажувајќи дека нема историски, или демографски причини да бара малцински статус за која било група граѓани на територијата на Република Бугарија.

Мултилатералните формати и механизмите за набљудување на Советот на Европа не треба да се инструментализираат од Република С. Македонија за вршење притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата кои припаѓаат на малцинските групи; (2) Република Северна Македонија со вербална нота да ги извести државите членки на ООН дека придржувањето кон уставните измени направени во Република С. Македонија во согласност со Договорот од Преспа, ќе се спроведува паралелно со стриктно придржување кон Договорот со Република Бугарија во целина…“


Уставот од 1974 година ги разграничува државотворниот народ и националностите

Во колумна на новинарката и политичка коментаторка Марија Весова, објавена неодамна во „Нова Македонија“, Уставот од 1974 година беше посочен уште во еден контекст. Имено, тој беше опсервиран во рамките на барањата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, „за државотворноста на албанските граѓани во Македонија“.
– Ако Ахмети баш инсистира, тогаш ајде да му ја исполниме желбата, да им се врати „државотворноста на албанските граѓани во Македонија, по мера на Уставот на СФРЈ (Социјалистичка Република Македонија) од 1974 година“. Дека, нели, сега се невидливи!? Или, пак, тој некој што му раскажувал и го подбуцнувал како Албанците според Уставот од 1974 г. биле државотворен народ, а сега им е одземено нешто, сега ќе треба да му објасни зошто му го скрил овој текст од тогашниот устав – пишува меѓу другото Весова, посочувајќи го првиот член од тогашниот устав.

Член 1 (Глава I: Општи одредби): „Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа, заснована врз сувереноста на народот и врз власта и самоуправувањето на работничката класа, и на сите работни луѓе, и социјалистичка самоуправна демократска заедница на работните луѓе и граѓаните, на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност“.

Значи, формално, Македонците се наведени како „национален народ“. Албанците и Турците се дефинирани како „народности“, кои се рамноправни со македонскиот народ, без разлика што формално не се идентификувани како државотворни народи.
Оти во спротивно, не сум сигурна дека читаме од иста книга, од истиот устав од 1974 год., со кој толку бучно се мавта, а и се мавтосува, како слово на спасот за македонските Албанци. А во тимот на лидерот на ДУИ има и професори по право, довчерашни парламентарци, чинам и еден поранешен уставен судија, сегашен пратеник, кому не знам зошто не му пречи кога неговиот коалициски шеф заборава да спомне дека барабар со албанската народност, во тогашниот устав на СФРЈ, е спомнато дека СРМ е држава и на турската народност, каде што тој припаѓа.
Што можат му објаснат тие на својот претседател, што значи „државотворен статус“!
– Во правна смисла, тоа е статус на народ што ја создава државата и има суверено право на самоопределување. Во СФР Југославија такви беа шесте републички народи (Срби, Хрвати, Словенци, Македонци, муслимани (денес Бошњаци) и Црногорци). Албанците беа националност (не републички народ) – имале културни и јазични права, но не и државотворност во правна смисла – наведува Весова. Н.М.

(продолжува во наредниот број на „Нова Македонија“ со споредбена анализа на уставите на Бугарија, Албанија, Србија и Косово, како и на соодветните меѓународни конвенции на ООН и на Советот на Европа за правата на националните малцинства)