Годишно, на глобално ниво, се регистрираат над 2,9 милиони смртни случаи и 400 милиони повреди на работни места, што предизвикува економска загуба од околу 4 проценти од светскиот БДП. Во Европската Унија, овие трошоци се проценуваат на 460 милијарди евра, или 3,3 отсто од БДП. Ако се применат овие проценти на нашата држава, економските загуби од несреќи при работа би изнесувале 500–600 милиони евра годишно. Во Македонија оваа година до септември, на работното место животот го загубиле шест работници.
Овие податоци денеска беа презентирани на започнување на проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“, кој ќе се реализира до октомври 2028 година, во организација на Меѓународната организација на трудот (МОТ), а со финансиска поддршка од Европската Унија.
-Безбедноста и здравјето не се само технички или административни категории. Тие се основни човекови права и показател за тоа колку едно општество навистина се грижи за својот човек. Тие ја одразуваат зрелоста на една држава, не само во економска туку и во морална и институционална смисла. Состојбата кај нас не е на ниво кое тежнееме, податоците покажуваат дека бројот на повреди на работа и натаму е висок. Затоа мораме да работиме на системска надградба – истакна вицепремиерот Љупчо Димовски, нагласувајќи дека Владата останува посветена на создавање сигурни и достоинствени работни места.
Според министерот за труд и социјална политика Бесар Дурмиши, несреќите при работа и професионалните заболувања сè уште се сериозен проблем, особено во градежништвото, земјоделството, транспортот и преработувачката индустрија.
– Станува збор за човечки животи и семејства кои страдаат. Затоа нашата цел е јасна, да изградиме систем кој не реагира само по настанот, туку предвидува, спречува и штити – истакна Дурмиши.
Тој нагласи дека Владата ја поставила безбедноста и здравјето при работа како еден од приоритетите на трудовите политики. Но, законите сами по себе не се доволни, рече тој и додаде дека потребна е институционална инфраструктура, инспекциски служби, систем за обука и континуирана поддршка.
Според него, визијата е Македонија да стане земја на безбедни работни места, обучени и заштитени работници и работодавачи кои разбираат дека инвестицијата во заштита е инвестиција во продуктивност и успех.
-Овој проект е инвестиција во иднината во која безбедноста ќе биде темел на просперитетот, а не негова пречка – додаде министерот.
Според претседателот на ССМ Слободан Трендафилов, овој проект треба да ги поттикне сите институции да започнат од себе и да се направат промени во делот на безбедноста и здравјето при работа.
– Можеби е време за активна кампања за ревидирање на сите документи и процедури за процена на ризици, согласно законите и прописите. Целта е до завршување на проектот сите организации да ги спроведат потребните мерки – порача Трендафилов и нагласи дека клучна улога имаат претставниците на работодавачите и дека тие треба да бидат носители на овие активности.
Крајната цел, рече тој, е да се намали бројот на несреќи со фатални последици и апелираше активностите да продолжат и по завршувањето на проектот, да не биде само, како што рече, „спроведен проект и потрошени средства“, туку да создадеме одржлив систем.
Претседателката на Советот за безбедност и здравје при работа, Јасмина Чалоска, пак, порача дека не смее да се зборува за безбедност и здравје при работа само кога ќе се случи трагедија.
– Работникот мора да биде заштитен, а не загрижен за својата безбедност и здравје – истакна Чалоска.
Таа потсети дека Советот е највисоко советодавно и експертско тело на Владата за оваа област, но предупреди дека во последниот период има стагнација на многу процеси.
-Законот за кој се работи повеќе од пет години сè уште не е донесен, а стручен испит за кадри за безбедност при работа не е организиран четири до пет години. Пазарот на труд има сериозен дефицит од овие кадри – нагласи Чалоска.
Според неа, новата стратегија за безбедност и здравје при работа мора да се донесе час поскоро, заедно со акцискиот план, и дека Владата е клучен инструмент за реализација на визијата за побезбедни работни места.
Советникот во Делегацијата на ЕУ во земјава, Александру Албу, потенцираше дека проектот е чекор кон усогласување со европските стандарди.
– Безбедни услови за работа се не само законска обврска, туку и европска вредност. Инвестициите во здравјето на работниците водат кон продуктивност, мотивација и конкурентност – нагласи Албу.
Директорката на DVT/KO (DWT/CO) Клер Харсти Преку видео порака истакна дека успехот на економијата зависи од вреднувањето на здравјето на луѓето и дека овој проект ги обединува сите, односно Владата, синдикатите и работодавачите во создавање безбедни и продуктивни работни места.
Регионалната координаторка на ОН Рита Колумбија, пак го поврза проектот со глобалните цели и нагласи дека безбедноста при работа е предуслов за достоинствен труд и социјална правда и дека Македонија прави важен чекор кон реализација на меѓународните стандарди.
Директорот на Државниот инспекторат за труд Гани Маскути информираше дека за разлика од минатат година кога имало 13 жртви кои настрадале при работа, оваа година до септември имало шест работници кои го загинале при извршување на своите работни задачи.
Проектот предвидува изработка на Национална стратегија за БЗР 2026–2030, усогласување со МОТ и ЕУ стандарди, модернизација и дигитализација на инспекцискиот систем, Национален ИТ-систем за повреди и заболувања, поддршка за социјалните партнери и кампањи и интеграција на БЗР во образованието.

































