МАКЕДОНИЈА МЕЃУ ОПТИМИЗМОТ И НЕИЗВЕСНОСТА ЗА ВРЕМЕ НА ФРАНЦУСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО СО ЕУ
Шестмесечното претседателствување на Франција со Унијата се поклопува со рокот на бугарскиот премиер Кирил Петков за наводно решавање на спорот со Бугарија, но и со најновиот рок од шест месеци што го дава албанскиот премиер Еди Рама за заедничко отпочнување на преговорите или за издвојување на Албанија од пакетот. Какви се прогнозите и очекувањата на аналитичарите за претстојните шест месеци
Рокот на траење на искреноста во новогодишните желби и честитки се чини е сѐ пократок, а потребата од соочување со реалноста е сѐ побрзо. И во новата година, Македонија продолжува со старите предизвици во евроинтеграциите. Новиот момент е што од „играта со ветото“ од сенка излегува еден важен актер – Франција, која го започна претседателството со Советот на ЕУ. Со преземањето на шестмесечното претседателството на Унијата од Франција, треба да станат појасни и поотворени нејзините позиции во однос на бугарската блокада на македонските евроинтеграции, за што досега се споменуваше на ниво на сомневања дека всушност Франција скриено ја поддржува Бугарија.
Секако, тежиштето на ветото и понатаму останува кај Бугарија, а фокусот на преговорите е насочен спрема новиот премиер Кирил Петков, односно како неговата идеја за преговарање со Македонија во шест работни групи ќе биде ставена во корелација со декларацијата на бугарското собрание за македонските евроинтеграции. Всушност, Петков побара шест месеци за надминување на спорот со Македонија. Таквиот рок од шест месеци го презема и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој најави дека Албанија уште толку ќе ја чека Македонија за да започнат заедно преговори за членство во ЕУ, па потоа ќе бара издвојување од преговарачкиот пакет.
Со така поставените позиции реално се поставува дилемата дали има основа за оптимизам за македонските евроинтеграции и какви се условите за напредок, и покрај промената на носечките ликови во преговарачкиот процес, како во Македонија (започната е процедурата за нов премиер на македонската влада) така и во Бугарија, а и на претседавачката позиција во ЕУ?
Најоптимистички се очекувањата на специјалниот пратеник на македонската влада за решавање на спорот меѓу властите во Скопје и во Софија, Владо Бучковски. Тој е убеден дека во наредните месеци Бугарија ќе ја укине блокадата за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
– Во 2021 година, Бугарија немаше редовна влада цели осум месеци. Во земјата имаше три парламентарни и едни претседателски избори. Тоа сериозно влијаеше на нашите напори да најдеме заемно прифатливо решение и да ја укинеме блокадата на нашиот пат кон ЕУ… И покрај овие непредвидени околности, постигнат е напредок во градењето доверба меѓу двете земји. Временската рамка за овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци, може да се скрати. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари… Во 2022 година очекувам да се постигне заемно прифатливо решение со Бугарија. Решение што ќе се заснова на меѓусебно почитување и ќе се одржи.
Бугарската блокада ќе биде укината. Почетокот на преговорите со ЕУ конечно ќе биде реалност – вели Бучковски во интервју за еден македонски медиум.
Согледувајќи ги познатите позиции на повеќето фактори што имаат влијание за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, познавачите на процесите во Унијата, сепак се повоздржани во оптимизмот за пробив на блокадата за конкретен исчекор на македонските евроинтеграции.
– Доколку навистина се случи да добиеме почеток на преговорите со ЕУ во наредните шест месеци, за време на француското претседателство со Унијата, најверојатната опција е тоа да биде дури во јуни, кога веќе ќе бидат завршени претседателските избори во Франција. Сепак, до постигнување на таквата посакувана проекција, има многу ограничувачки фактори – концентрирани во бугарското вето. Прво треба да видиме како бугарскиот премиер Петков го замислува функционирањето на тие работни групи во преговорите со Македонија, кои самиот ги предложи. Уште повеќе, како резултатите од тие работни групи ќе бидат поставени во однос на декларацијата на бугарското собрание, од која како од ѕид се удира секој оптимизам во преговорите за повлекување на бугарското вето. Но пред сѐ, треба да видиме дали воопшто односите со Македонија ќе бидат политички приоритет во Бугарија, со оглед на сите други нивни внатрешнополитички предизвици… Што се однесува до најавата за барање за издвојување на Албанија од преговарачкиот пакет со Македонија, реално беше да се очекува дека тоа ќе се случи во одреден миг и нема некоја правна основа и обврска за одржување на пакетот. Сепак, и други фактори се во игра за ЕУ да донесе таква одлука за издвојување – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје.
Историчарот Александар Литовски, поранешен член на мешаната македонско-бугарска историска комисија, цени дека Бугарија воопшто не е искрена во преговарачкиот процес за повлекување на ветото за почетокот на македонските преговори за членство во ЕУ и дека само си купува време за нови уцени, на штета на Македонија.
– Воопшто не сум оптимист дека ќе има исчекор во евроинтеграциите на Македонија во овие шест месеци на француското претседателство во ЕУ. Бугарија смислено ги одолжува преговорите, како форма на притисок и до ЕУ, за да го добие од Македонија сето она што го зацртала во декларацијата на своето собрание. Франција, како претседавач со Унијата, воопшто не е заинтересирана за напредок на процесот на проширување на ЕУ, па ѝ одговара бугарското вето за Македонија. Клучна улога за некаков притисок за забрзување на проширувањето на ЕУ, а со тоа и за решавање на македонско-бугарскиот спор имаат САД. Земјите на ЕУ нема да направат притисок врз Бугарија, зашто всушност тие ѝ се партнери во блокадата за Македонија. А Бугарија не сака делумни отстапки или исполнување на некои планови 5+1, 3+2, или како и да ги нарече. Единствената цел на Бугарија, која сака да ја добие преку ЕУ, е целосна асимилација на Македонија, Македонците, македонската историја, македонскиот јазик, т.е. да се изнуди признание дека сѐ ѝ припаѓа на Бугарија – категоричен е историчарот Александар Литовски.