Феноменот на мултиполарноста како повод: Крајот на една ера на светски поредок и почеток за друга
Во едни вакви нови состојби може да се толкува и кампањата што Македонија како држава ја води на надворешен план, од една страна залагајќи се за сеопфатен пристап, со акцент на поддршка на традиционалните меѓународноправни гаранции, но од друга страна со градење блиски релации со моќни земји во најголем дел преку форсирање инвестициски циклуси. На тој начин истовремено ќе се обезбеди бенефит за македонската економија и граѓаните, тоа ќе влијае и врз развојот на државата, а сите овие потези ќе бидат во корелација со македонските и геостратешките интереси на големите земји. Тоа е вин-вин ситуација, особено во време кога македонскиот идентитет е изложен на континуирани напади
Светските превирања што во последниот период се случуваат со невидена брзина говорат јасно за габаритот на новите геостратешки прераспределби во кои големите и моќни држави се обидуваат на своја страна да привлечат што поголем број нови сојузници и така да го зацврстат своето влијание на одреден простор.
Она што станува повеќе од јасно е дека на сцената стапува нов мултиполарен свет во кој моќта меѓу државите се распределува како на тродимензионална шаховска табла, како по хоризонтала така и по вертикала.
Несомнено на врвот на шаховската табла секогаш се политичко-воените прашања, каде што воената моќ досега беше претежно униполарна, со САД како единствена суперсила и главен светски полицаец. Во средината на таа шаховска табла каде што се економските прашања, ниедна земја повеќе не е хегемон или империја и тие мора да се пазарат едни со други (на пример, САД со ЕУ, или САД со Кина, или ЕУ со Кина, или Русија и ЕУ за енергија итн.). Во ова пазарење влегуваат сојузите и договорите и со помалите земји, кои не сакаат да останат изолирани во еден нов мултиполарен свет, па затоа го нудат она што го имаат за на некој начин да се најдат под заштита на големите, но од друга страна да обезбедат и подобра заштита на сопствените интереси и на интересите на сопствените граѓани.
Повеќе од јасно е дека сега е потребно враќање на меѓудржавните односи во нивната природна состојба пред ерата на идеолошката (либерална наспроти суверенистичка) конфронтација. Но тоа во никој случај не значи дека тоа треба да се случи со пресликување на претходните состојби кога одлуките, барем за земјите во регионот вклучително и Македонија, се носеа внатре во рамките на ЕУ-политиките, туку со нов пристап што ќе значи враќање кон постулатите на меѓународното право, без никакви заобиколувања и слободни толкувања во рамките на новите светски состојби.
Вашингтон (со Бајден) и Европската Унија, дејствувајќи заедно, го демонтираа повоениот светски поредок, пренесувајќи ја глобалната хегемонија на Западот како своја, што очигледно им се удри во глава бидејќи општествата низ светот не сакаат таков пристап и тоа го демонстрираат на секои избори, јасно истакнувајќи го суверенистичкиот избор.
Проактивна надворешна политика за подобро етаблирање на новата светска мапа
Во едни вакви нови состојби може да се толкува и кампањата што Македонија како држава ја води на надворешен план, од една страна залагајќи се за сеопфатен пристап, со акцент на поддршка на традиционалните меѓународно-правни гаранции, но од друга страна со градење блиски релации со моќни земји во најголем дел преку форсирање инвестициски циклуси. На тој начин истовремено ќе се обезбеди бенефит за македонската економија и граѓаните, тоа ќе влијае и врз развојот на државата, а сите овие потези ќе бидат во корелација со македонските и геостратешките интереси на големите земји. Тоа е вин-вин ситуација, особено во време кога македонскиот идентитет е изложен на континуирани напади.
Во овој момент ЕУ на тоа гледа како некакво застранување на земјава од проевропскиот курс, иако и самите земји членки на Унијата ги влечат истите чекори, обидувајќи се самите да водат надворешна политика многу поразлична од европската за да можат нивните земји да станат видливи на глобалната светска мапа. Тоа е уште една потврда дека ЕУ задоцни со внатрешните реформи, доцни и со градењето нови европски безбедносни капацитети, исто како што задоцни и во енергетската диверзификација.
Колку некому да му изгледаат безначајни и маргинални релациите на ЕУ со Македонија во последните најмалку две децении, тие всушност јасно ги отсликуваат сите пропусти што официјален Брисел ги правеше и кои го доведоа во ситуација да биде неважен играч на светската политичка сцена. ЕУ преку условувањата што ги наметнуваше кон Македонија прва ги напушти сопствените принципи, го погази меѓународното право, отстапи од критериумите и на тој начин сега и самата е жртва на внатрешни билатерални уцени, кои во иднина можат да резултираат само со нејзина дезинтеграција или фрагментација во помали сојузи или лиги. До тоа неминовно ќе дојде доколку официјален Брисел не направи радикален внатрешен реформски рез со кој ќе стави крај на диктатите од некои земји членки и ќе се врати на сопствените политики, кои значат владеење на правото, демократија, критериуми, почитување на различностите…
Малите земји мора да се изборат за свое место во мултиполарниот свет
Како и да е, малите земји мора да се борат за свое место во тој мултиполарен свет, а тоа нема да се заслужи со седење со скрстени раце и чекање некој друг да им ги реши проблемите.
– Земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, и натаму ќе бидат под притисок за да изберат една или друга страна во новиот мултиполарен поредок. Балканот, имајќи ја предвид неговата констелација, и понатаму ќе биде област на судири меѓу големите сили и покрај сите превирања на светската геополитичка сцена, тој нема да биде оставен настрана од големите сили, САД и Русија, па затоа одолжувањето на процесот на проширување од страна на ЕУ може да се смета буквално како пукање во нога од страна на Брисел, кој и натаму на проширувањето гледа низ призмата на бугарските ретроградни политики, кои во 21 век и натаму не признаваат народ, јазик, историја и култура.

Несомнено балканските земји ќе имаат реална шанса да се обидат релативно независно да изградат политичка стабилност, мир и безбедност во согласност со новиот суверенистички пристап, но за тоа ќе им треба силна гаранција од некоја од големите сили, САД, Велика Британија, па дури и ЕУ ако успее да се наметне како таков фактор. Македонија засега добро игра, позитивен е договорот со Велика Британија, треба да се инсистира и на продлабочување на соработката со стратешките партнери, пред сѐ САД, но и Турција, но во прв план да се гледаат македонските интереси, без да се доведуваме во подредена состојба како претходно, за да ги задоволиме барањата на ЕУ, прифативме штетен француски предлог, кој ја стави државата во заложништво на Бугарија. Во секој случај, не треба да се очекуваат едноставни решенија и големи пресврти. Сепак, во мултиполарниот свет постојат неколку разновидни пола или концентрирани сили, што создава поширока основа за донесување одлуки во светските работи, наместо тие да се носат само од еден центар и повеќе да имаат форма на ултиматум или уцена, отколку на вистинска одлука. Тоа е и нашата шанса – наведуваат аналитичарите.
Дијановиќ: Живееме во опасни времиња
Според Давор Дијановиќ, хрватски надворешнополитички аналитичар, истражувач, писател и публицист, живееме во време на распаѓање на стариот поредок кога новиот сѐ уште не е воспоставен, а тоа се крајно опасни времиња.
– Ерата на унилатерализам, воспоставена по падот на Берлинскиот ѕид, кога имаше само една „суперсила“, несомнено е зад нас. Се создава мултиполарен свет во кој, како што еднаш призна Емануел Макрон, западната моќ слабее. Ова, логично, води кон зајакнување на Истокот. Веќе реков дека центарот на гравитација на светската моќ се поместува во Азиско-пацифичкиот Регион, а исто така сме сведоци на одредени обиди за економска и политичка еманципација на земјите, таканаречениот глобален југ. Земјите од БРИКС веќе покажаа тенденција да создаваат одредени финансиски и други алтернативи на западните институции. Со оглед на големата популација на овие земји, реално е да се очекува зајакнување на улогата на БРИКС. Од друга страна, Америка постојано покажува голем потенцијал за политичка, економска, воена и интелектуална мобилизација, па затоа не би ја отпишал, како некои аналитичари, оваа, сè уште најмоќната земја во светот. Во секој случај, конкуренцијата во меѓународните односи ќе се зголемува, што може да биде добра работа бидејќи ќе спречи доминација на една сила, но јасно е дека ова значи и триење и потенцијални војни. Живееме во време на распаѓање на претходниот меѓународен поредок. Стариот поредок умира, а новиот сè уште не е роден. Ова се најопасните периоди во историјата – вели Дијановиќ.