На денешната нова преговарачка средба помеѓу Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука нема да биде понуден нов процент за повисоки плати во образованието. Тема на преговарите ќе бидат колективните договори за основно и за средно образование, а за нова финансиска понуда ќе се разговара на почетокот на идната недела.
– Конкретна финансиска понуда денеска нема да имаме. Ќе дискутираме за начин за изнаоѓање модел за конечната понуда и кога и како ќе почне да се реализира – изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред новата преговарачка средба со СОНК закажана со почеток во 14.30 часот.
Посочи дека МОН има пресметки од Министерството за финансии и очекува на почетокот на идната недела, како што рече, „и за ова прашање да имаме конечен одговор и конечен догвор помеѓу двете страни“.
– Отворивме дискусија и сме при крај во преговорите за новите колективни договори и што ќе влезе во нив. Во секторот образование колективен договор не е потпишан повеќе од десет години – додаде Шаќири по учеството на семинарот за регионалниот проект „Заживување на наставата по француски јазик во образовните системи на земјите од Западен Балкан“.