Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Употребата на терминот „северномакедонци“ во графата за националност на пописот во Албанија била техничка грешка, вели во изјава за Канал 5 министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој потенцира дека разговарал со албанскиот министер за надворешни работи, присутен на форумот во Дубровник и изрази благодарност за брзата интервенција со која грешката е исправена.

-Заедно со претседателот на Владата – Мицкоски, ја следевме ситуацијата. Имавме во неколку наврати комуникација и со службите во министерството за надворешни работи. Утврдивме некои прашања за кои што како држава имаме сериозна грижа, тие беа денес и јавно воочени во објава која што ја имаше од страна на МНР. Тука е и колегата Хасани, албанскиот министер за надворешни работи. Стапив во контакт со него. Тој потоа стапи во контакт веројатно со соодветните служби во соседна Албанија. Информираше дека по однос на тоа прашање се работело за техничка грешка. Искрено ќе кажам дека сум му благодарен за брзата интервенција – вели Муцунски за Канал 5.

Претходно, покрај за употребата на терминот „северномакедонци“, Министерството за надворешни работи реагираше и за прелеминарните резултати од пописот, кои како што посочија, не ја отсликуваат реалната бројка на етнички Македонци во Албанија.

Македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, како што информираат од МНР, ќе биде повикан на итни консултации, со цел да се разгледаат можностите за соодветна корекција на направените пропусти и за изнаоѓање адекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи Албанија.