Семејството на Теодора Ристовска преку отворено писмо упати благодарност за поддршката од јавноста, медиумите и премиерот и изрази надеж дека ќе има реакција од Судскиот совет, по изречената казна од две години затвор за возачот во сообраќајката во која нивната ќерка и сестра го загуби животот во 2022 година.
– Искрено се надеваме дека Судскиот совет ќе изреагира адекватно во врска со скандалозната и срамна одлука на судијата од Тетово, Ељведин Ферати и имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. Ние силно и натаму ќе се бориме за правда за Теодора – велат во писмото од семејството Ристовски.
Тие во писмото го поставуваат прашањето зошто за случајот на Теодора немало интерес од граѓанските иницијативи кои се залагаат за борба против корумпираниот систем.
– Исто така јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како „Кој е следен“ немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а само наводно се борат против трулиот и корумпиран систем … Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само 2 години затвор за убиецот на сестра ми Теодора … Сметаме дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туѓи цели и до толку повеќе уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски, која очигледно дека и веднаш почна да дава резултати – велат од семејството Ристовски.
Семејството изразува надеж дека јавноста и во иднина будно ќе продолжи да го следите судскиот процес за Теодора.