Фото: Архива

Претставници на семејствата на 14 луѓе кои ги загубија своите животи во пожарот во модуларната болница во Тетово преку прес-конференција најавија дека ќе продолжат со јавни протести поради незадоволство од работата и постапките на Обвинителството. Тие минатата недела на двегодишнината од пожарот организираа протест и марш во Тетово, а новиот протест го најавуваат за утре.

– Утре петок, организираме протест во Скопје, како семејства на загинатите во модуларна болница во Тетово. Протестниот марш ќе почне во 14 часот на плоштадот Скендербег и ќе се заврши пред зградата на Јавното обвинителство на РСМ. Обвинителството ги има затворено очите за правдата и ги штити одговорните за трагедијата каде изгореа живи 14 наши роднини. Им апелирам на граѓаните на Скопје и на другите градови да ни се приклучат на барањето за правда. На политичарите и на партиите им препорачуваме да стојат што подалеку од злоупотреба на нашиот протест за политички придобивки – изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот ги изгубил братот и мајката.

На 5 јуни 2023 заврши судскиот процес за кривичните дела поврзани со пожарот во модуларната болница Тетово. Условна осуда добија обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека, правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“. Судот одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Основното јавно обвинителство Тетово, еден месец подоцна на 10 јули 2023 година поднесе жалба на изречената првостепена пресуда. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сè уште води предистражна постапка во врска со тендерот за набавка на модуларните болници.