Министерството за внатрешни работи информира дека денеска се одбележува 2 Ноември – Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторства против новинарите. Преку кампањата „Новинарите се важни“, Советот на Европа и државите-фокусни точки ја потврдуваат заедничката заложба за заштита на новинарите и за обезбедување на правда за сторителите на злосторства против нив.
– Секој напад врз новинар е напад врз слободата на изразување и пристапот на луѓето до информации. Тој ги лишува граѓаните од веродостојни информации, промовира дезинформации, ги ослабува демократските институции и шири страв меѓу оние што го штитат правото на јавноста да знае. Затоа, ставањето крај на неказнивоста за овие злосторства не е само за одбрана на новинарите, туку и за одбрана на вредностите на нашата демократија – потенцирал Мухамед Исмаиљи, помошник на министерот за односи со јавноста во Министерството за внатрешни работи и фокусна точка на Македонија во Советот на Европа за кампањата „Новинарите се важни“.
Кампањата, како што се наведува, покрената од Советот на Европа во 2023 година, во изминатите две години помогна во воспоставување мрежа на национални фокусни точки и комитети што ги обединуваат новинарите, полицијата, обвинителите и јавните институции со цел да се подобри заштитата и да се изгради доверба. Таа придонесе за подобрување на односите меѓу полицијата и медиумите, како и за донесување на акциски планови и протоколи за безбедноста на новинарите.
– Во Република Македонија досега во соработка со Здружението на новинари на Македонија, ОБСЕ, Основното јавно обвинителство и други меѓународни партнери има изработено два прирачници за безбедност на новинарите, формиран е Национален комитет за заштита на новинари за побрзо и поефикасно расчистување на случаите поврзани со новинари. МВР на својата интернет страница го има објавено и Регистарот на напади врз новинари. Безбедноста на новинарите за МВР е еден од врвните приоритети и во изминативе години интензивно се работи на ова поле, а видливи се и резултатите од ваквата посветеност – нагласил Исмаиљи.
Советот на Европа и фокусните точки, како што се наведува, остро ги осудуваат сите акти на насилство, незаконско притворање и убиства на новинари, особено во контексти на вооружени конфликти.
– Таквите дела се сериозни прекршувања на меѓународното право и напад врз основните вредности на слободното новинарство. Се упатува апел до сите страни во конфликтите да го почитуваат статусот на новинарите како неборци и да обезбедат услови за нивна безбедна работа. Фокусните точки ги повикуваат земјите-членки на Советот на Европа да ги обноват своите обврски за заштита на новинарите, да ги зајакнат националните структури и да осигураат независни и ефикасни истраги за сите напади. Во втората половина од петгодишниот мандат на кампањата, приоритет останува намалување на бројот на новинари кои се соочуваат со закани и притисоци, унапредување на заштитните механизми и зголемување на довербата меѓу новинарите, граѓаните и институциите – стои во соопштението од МВР.
На овој ден, како што се наведува, им оддаваме почит на сите новинари кои ја платиле највисоката цена за вистината и повторно ја потврдуваме заложбата дека нивната храброст нема да биде залудна.


































