Ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски е дека највисокиот правен акт – Уставот не треба да се отвора премногу често, туку само кога навистина има причина за тоа.
– Сензитивно е прашањето. Прашање е дали сега ни треба какво било отворање на Уставот, ако ме прашате мене, не ни треба. Сега, на Република Северна Македонија не и треба преотворање на највисокиот правен акт, а понатаму, меѓутоа само со апсолутен консензус на сите политички фактори во Собранието, би требало да го направиме тоа – смета Пендаровски.
Претседателот на денешната прес-конференција по седницата на Советот за безбедност, одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, вели дека секојпат е добро да се рационализираат трошоците кои државата ги прави, не само во случајот за оваа иницијатива.
– Познато е дека ние имаме гломазен државен апарат и Собранието влегува во тој државен апарат. Се што оди на редуцирање на трошоците на граѓаните и на намалување на буџетот во тој дел јас го поддржувам. Меѓутоа, во политичкиот дел е секојпат проблематично кога го отворате Уставот. Мој став е дека Уставот ние во изминативе години премногу често го отворавме. Уставот не треба пречесто да се отвора. Уставот треба да се отвора кога навистина има причина за тоа – рече Пендаровски.
Во однос на инсистирањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори, Пендаровски вели дека тоа не е прашање за претседателот на државата.
– Ако ме прашувате како граѓанин, јас тоа го коментирав неодамна. Веројатно сите ние кои живееме тука заслужуваме една година и да немаме избори. Знаете од 2015 година имавме постојано некакви избори, вклучително и референдумот кој е еден вид избор. Меѓутоа, тоа е апсолутно автономно право на политичките субјекти во Собранието. Постои само еден начин да предизвикате предвремени избори, односно 61 пратеник да притиснат копче и да го распуштат Собранието. Не би сакал да навлегувам во тој дел повеќе – заклучи Пендаровски.