Фото: МИА

Загрижувачкиот раст на малигните заболувања особено кај помладите го поставува раното откривање како врвен приоритет. Последниве години се забележува зголемен опфат на скринингот за дојка и скринингот за рак на грло на матка, во споредба со претходните години. Државата вложува во набавка на опрема и постепена замена на аналогната технологија со дигиталната, а планирано е проширување на програмата за скрининг на рак на црн дроб. Сепак, потребни се посеопфатни мерки во однос на самата превенција, посочија говорниците на денешната дебата во Владата по повод Светскиoт ден за борба против ракот – 4 Февруари.

Заменик министерот за здравство Јовица Андоновски на дебатата посочи дека Министерството за здравство се залага за достапна, квалитетна и праведна здравствена заштита за сите граѓани. Тој информираше дека Министерството веќе спроведува национален скрининг за рак на дојка, грло на матка и дебело црево во согласност со препораките на Европска Унија и СЗО.

-Програмата за рана детекција на скрининг на малигни заболувања е единствена од ваков вид, базирана на европски искуства со континуирани подобрувања во квалитетот на методологијата – рече Андоновски.

Тој напомена дека во 2025 година планирано е проширување на програмата за скрининг на рак на црн дроб и воведување на дигитални модули за следење на процесот во реално време. Како што додаде, националните студии за малигни заболувања овозможуваат засновани политики и ефикасно распределување на ресурсите.

Напомена дека буџетот за оваа програма за 2025 година изнесува 23 милиони денари.

Како што рече, според податоците кои што се обработени, опфатот на скрининг на дојка од 2023 до октомври 2024 година е на 12 473 жени, а за матка опфатот е 50 529 жени, во истиот тој период.

-Забележан е зголемен опфат на скринингот за дојка и скринингот за рак на грло на матка. Ова се податоци кои говорат за значително зголемување на опфатот во споредба со претходните години. Во рамки на програмата за скрининг на дојка се опфаќаат жени од 40 до 69 години, кои имаат можност да се пријават самостојно на интернет страницата и сега со оваа програма во 2025 година, ќе се овозможи и закажување на скрининг преку матичниот лекар – рече Андоновски.

Како што напомена, државата вложува и во набавка и на опрема и постепена замена на аналогната со дигитална технологија како што тоа го направиле во изминатиот период со набавка на нови дигитални манометри и тоа во Здравствениот дом „Железничар“, Универзитетската клиника „Св Наум Охридски“, болниците во Дебар, Куманово, Струга, Тетово, Институтот за радиологија, „Осми Септември“.

– Во овие установи покрај тоа што се опремија со нови монометри, дополнително се набавија ехо апарати. Во 2025 година првпат се воведе скрининг за рак на црн дроб. Министерството е во интензивни напори оваа година да обезбеди систем за дигитално поврзување на постоечката опрема за скрининг на рак на дојка – рече заменик министерот за здравство.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски на дебатата посочи дека се разговара со матичните гинеколози околу вклучувањето на ХПВ тестовите како начин на рано откривање на рак на грло на матка.

Според него, ни требаат посеопфатни мерки за сузбивање на пушењето во земјата, бидејќи сме со земјите со релативно највисок процент на пушачи.

– Дилемите што ги имаме во Фондот во однос на превенција и рано откривање е дека понекогаш потешко се одлучуваме да одвоиме сто милиони денари за превентивни прегледи за рак на простата, а не би имале проблем тие сто милиони да ги одвоиме во буџетот за лекување, бидејќи се уште сме премногу фокусирани на третман, а недоволно на превенција и рано откривање – рече Клековски.

Тој напомена дека се зборува за зголемување на пет скеновите од две на три илјади годишно, за што ќе биде потребна набавка на втор пет скенер. За ова, како што рече, постојат услови во самата институција, но работат на финансиската консткрукција.

– Она што сега го направивме за радиотерапија на Онкологија е големо зголемување на буџетот, во 2025 година тој ќе изнесува 3 милијарди денари или 49.5 милиони евра. Буџетот расте и на хематологија, и во 2025 година ќе изнесува 808 милиони денари – рече Клековски.

Тој напомена и дека овозможиле пониски цени на одредени лекови за 10 до 30 проценти.

– Побаравме да се утврдат нови големопродажни цени (ГПЦ) за лекови каде не се направени измени. Преговаравме со производителите – фармацевстки куќи и обезбедивме за најголем дел од лековите пониски цени за 10 до 30 проценти. Имаме лекови  кои неколку години се со иста продажна цена и наше очекување е дека со текот на годините големо продажната цена треба да се намалува – додаде Клековски.

Директорот на  Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) Игор Стојановски на дебатата информираше дека е ставен во употреба нов акцелератор. Тој рече дека имаат три современи акцелератори со сите модерни радио тераписки техники.

Дополни дека за новиот акцелератор во тек се дополнителни проверки и набрзо ќе се овозможи третман на пациентите со стереотактична метода.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојановски, пак, посочи дека во оваа клиника во моментот кадрите се на обука на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, и според комуникација која ја имаат со директорот, кадрите веќе се подготвени годинава да почнат со таблетарна и супкутана апликација на онколошката терапија.