На Градежниот факултет на Скопскиот универзитет попладнево беа свечено доделени дипломи на студенти што дипломирале и магистрирале во оваа академска година. Претходно, во Ректоратот на УКИМ беше одликуван со звање почесен професор (Professor Honoris Causa) д-р Питер Марк од Рурскиот универзитет во Бохум, Германија, кој е професор и на третиот циклус (докторски) студии на Градежниот факултет.
УКИМ соопшти дека признанието е во знак на неговите исклучителни научни и академски достигнувања, како и за долгогодишната поддршка и соработка во областа на инженерството и технологијата.
-Тоа е наша гордост и облик за поголема соработка меѓу нашиот и универзитетот во Бохум, каде што многумина наши млади асистенти и соработници докторираат и истражуваат заедно со своите германски колеги, изјави Горан Марковски – декан на Градежниот факултет.
Според него, сите мора да се заложат да се зголеми интересот на младите за инженерските струки особено за градежништвото.
-Затоа што без домашно градежништво држава тешко или е невозможно да функционира. Сведоци сме на бројни проекти кои се реализираат во државата и дека имаме веќе застарени објекти кои бараат одржување, санација, реновирање итн. и за сето тоа се потребни инженери. И оттаму и апелите и нашите заложби да привлечеме што повеќе млади луѓе да ја најдат својата професионална иднина во оваа струка – истакна Марковски.
Како што рече, по сериозен пад на заинтересираност во претходните години, минатата учебна година имале зголемен број на запишани студенти.
-Се надевам дека тој тренд ќе продолжи, иако сме се уште далеку од она што и е потребно на државата. Оваа струка мора да ја вратиме на местото на кое припаѓа… Се надевам дека бројот ќе се зголеми и ќе можеме да бидеме мирни за наредниот период дека ќе имаме доволно наши градежни инженери. Исто така, апелирам да останат тука да студираат и да придонесат за својата држава затоа што само дома е дома – порача Марковски.
Ректорката на УКИМ Биљана Ангелова изјави дека Ректоратот и МОН ги поддржуваат овие заложби затоа што, рече, потребни се се повеќе кадри од градежната струка.
-Владата отпочна повеќе проекти во кои и тоа како ќе може да се најдат овие кадри, да го најдат своето место на локалниот пазар во Република Македонија и да го дадат својот вистински придонес – рече ректорката.
Посочи дека за Скопскиот универзитет денес е посебен и свечен ден и бидејќи претходно во Ректоратот на УКИМ му беше доделена титула почесен професор на проф. Питер Марк од Градежниот факултет во Бохум кој, рече, е голем поддржувач на нашиот универзитет и на нашиот Градежен факултет.
-На универзитетот во Бохум се школувале неколку наши кадри од Градежниот факултет, каде што ги завршија своите докторски студии и во тек е менторирање на уште неколку студенти. Со проф. Марк Градежниот факултет подолго соработува и во полето на истражувањето и во полето на високото образование. Тој е професор и на третиот циклус студии на Градежниот факултет и токму затоа денеска ја доби оваа почесна титула Professor Honoris Causa на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со тоа стана член на нашата академска заедница и тоа за нас е голема чест – изјави Ангелова.
На настанот на Градежниот факултет присуствуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска која за одликувањето на проф. Питер Марк рече дека УКИМ се збогатил со уште еден стручњак како почесен доктор. За промовирањето на дипломираните и магистрираните студенти на Градежниот факултет истакна дека е важно од две причини.
-Прво, затоа што Градежниот факултет е добро етаблиран во нашето општество, кој произведува исклучително стручни кадри и, второ, во период на градежна експанзија кога Владата презема активности за инфраструктурни проекти во општините, кога склучува историски и стратешки договор со Владата на Велика Британија, овие студенти и постдипломци навистина можат да си го најдат местото во својата држава, да останат и да ја градат и воедно да стекнуваат дополнителни знаења – истакна Јаневска со желби Градежниот факултет и во иднина да создава квалитетен кадар.
Министерката Јаневска вечер ќе се обрати и на свечена церемонија на дипломирање на Меѓународниот балкански универзитет и на собирот на алумни со дипломци од изминатите години.