По одржувањето на интернационалниот форум „ЕУ за Преспа“
Со проектот „ЕУ за Преспа“, вреден 18 милиони евра, кој ќе го имплементира УНДП во соработка со Општина Ресен, договорено е да се воспостави единствена методологија за испитување на квалитетот на водите за да може да се најдат најсоодветни решенија за заштита на Преспанско Езеро и на живиот свет поврзан со него, кој е еден од најбогатите во светот, како и да се поттикне значајна промена во практиките и однесувањето кај креаторите на политиките на локално ниво, земјоделците, приватниот сектор, ГО и граѓаните во однос на управувањето и одржливото користење на природните ресурси во регионот на Преспа, што ќе резултира со подобрен квалитет на животот и ќе придонесе за економски развој преку т.н. „зелени“ политики за раст
Не само што е тажна и жална туку, најблаго речено, драматична е состојбата во која се наоѓаат последните неколку години Преспа и Преспанско Езеро.
Некогаш Преспа беше вистински рај, не само за Преспанци туку и за жителите од околните места, особено оние со поплиток џеб, кои се релаксираа и одмораа на песочните плажи на брегот на Преспанско Езеро.
Деновиве, иако се наоѓаме во шпицот на летната туристичка сезона, кога температурите на воздухот достигнуваат дури над 40 степени Целзиусови, плажите во Преспа се речиси (полу)празни. Некои од плажите не само што се (полу)празни туку се и исчезнати, бидејќи истите тие се покриени од трските и бујните вегетации или од мочуриштата.
Плажите кај Претор, Крани, Отешево, Дупени, Наколец, Стење, освен кај Сливница, буквално како да не постојат. Тие се обраснати со високи треви, трски… Водата во езерото на некои места е повлечена дури за стотици метри. Делови од крајбрежјето се претворени во мочуришта.
Европската помош дава нова надеж дека Преспанско Езеро може да се спаси
Во една таква, најблаго речено, жалосна и морничава слика со која се соочува во последно време Преспа и кога најголемите оптимисти за спас на Преспанско Езеро ја изгубија надежта, кај жителите на градот Ресен и Преспанци, со форумот „ЕУ за Преспа“, кој викендов се одржа во овој крај, повторно се врати не само надежта туку и оптимизмот дека Преспа не е заборавена и дека со помош на европските фондови ќе се настојува повторно да заживее овој крај, кој е од Господ даруван со извонредна клима и божествени природни убавини.
Од 12 до 14 јули, на неколку локации во Преспа се одржа уште едно издание на фестивалот „Запознајте ја Преспа“, фестивал што ги поврзува луѓето од сите три страни на езерото, кој ги промовира културното наследство на регионот и неколку живописни села, познати по својата традиционална архитектура и мирен амбиент.
И токму овој фестивал, „Запознајте ја Преспа“, на симболичен начин на присутните и на гостите од ЕУ им ја покажа вистинската слика на овој крај и ја разбуди надежта кај присутните дека има надеж за спас на Преспа и дека не е сѐ изгубено.
Фестивалот започна во петокот на 12 јули, во селото Брајчино, со музичка програма на која настапија Марија Каева, Виолета Качакова, Александар Гавровски и Добрила и „Дориан дуо“, продолжи наредниот ден на плажата Долно Дупени, „Дупени бич стејџ“, а траеше до 4 часот утрото. Настапија диџеи од трите земји што ги делат водите на Преспанско Езеро, а заврши во неделата напладне со манифестацијата „Стрит фуд“, кога се разлеаја низ Преспа звуците на различните музички жанрови и се рашири мирисот на преспанските трпези и специјалитети, со што на најдобар начин се покажа целата раскошна убавина на Преспа, која е дар божји.
Преку фестивалот „Запознајте ја Преспа“, присутните и гостите се запознаа со културното наследство на овој регион преполн со историски и културни локалитети, вклучувајќи антички цркви, манастири и археолошки локалитети, регион што има неколку живописни села познати по својата традиционална архитектура и мирен амбиент.
Присутните беа гости на фестивалот каде што музиката, гастрономијата и животот го формираат совршениот триаголник на регионот Преспа…
Преспа ја делат Македонија, Албанија и Грција, но ниту една од овие три држави сама за себе не е во можност да развие систем што ќе го спречи сѐ поголемото повлекување на водите од езерото предизвикано од климатските промени. Токму затоа во рамките на дводневниот форум „ЕУ за Преспа“ се одржа форумот „Обединети за Преспа“ за развој на Преспа.
На форумот за развој на Преспа, гостите од овие три држави ги презентираа своите искуства од начинот на кој работат заеднички за заштитата и унапредувањето на екосистемот. Една од точките на форумот беше и можноста за здружување на сите потенцијали од Македонија, Албанија и од Грција за заеднички настап на туристичките берзи каде што Преспа ќе биде понудена како единствена дестинација, која нуди посета на едно езеро и три држави.
Покрај граѓанските организации, на форумот учествуваа и градоначалниците од трите општини во трите држави под чија надлежност се водите на Преспанско Езеро, министрите за екологија и европски интеграции, како и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Дејвид Гир.
Форумот наедно беше и место каде што се расправаше за изработка на заедничка платформа за меѓусебна соработка меѓу граѓанските организации од регионот на Преспа, со цел заеднички да конкурираат на повиците за искористување на европскиот фонд за Преспа, тежок 18 милиони евра, а наменет за одржување и развој на природното богатство и цивилизациски значајното културно наследство.
Средствата од овој фонд на ЕУ („ЕУ за Преспа“) ќе бидат искористени и за изградба на инфраструктурата на граничниот премин Маркова Нога на брегот на Преспанско Езеро, кој ја поврзува нашата земја со Грција. Од овој европски фонд, кој го финансира и одржувањето на „Форумот за развој на Преспа“, одвоени се и финансиски средства за поддршка на развојот на руралниот туризам и земјоделството.
Од проектот се очекува еколошката катастрофа што го зафати Преспанско Езеро да се претвори во успешна приказна со која ќе се реставрира природниот капитал и ќе се врати оштетениот екосистем во согласност со стандардите на ЕУ.
Проект вреден 18 милиони евра
Со проектот „ЕУ за Преспа“, вреден 18 милиони евра, кој ќе го имплементира УНДП во соработка со Општина Ресен, договорено е да се воспостави единствена методологија за испитување на квалитетот на водите за да може да се најдат најсоодветни решенија за заштита на Преспанско Езеро и живиот свет поврзан со него, кој е еден од најбогатите во светот, како и да се поттикне значајна промена во практиките и однесувањето кај креаторите на политиките на локално ниво, земјоделците, приватниот сектор, ГО и граѓаните во однос на управувањето и одржливото користење на природните ресурси во регионот на Преспа, што ќе резултира со подобрен квалитет на животот и ќе придонесе за економски развој преку т.н. „зелени“ политики за раст.
Инвестицијата од 18 милиони евра на ЕУ има цел да придонесе за зачувување на природниот капитал и за враќање на оштетениот екосистем на големото Преспанско Езеро во добар еколошки статус, во согласност со стандардите на ЕУ. Мерките ќе се однесуваат на загадувањето на водата и почвата, ќе ги заштитат загрозените видови и ќе ја поттикнат одржливоста на локалните економски и земјоделски практики.
Земјоделците, домаќинствата и малите бизниси ќе бидат поддржани да применуваат добри земјоделски практики без да користат пестициди и други штетни материи и средства, да создадат мали синџири на вредност и да инвестираат во одржливи туристички услуги и производи, соодветно. Проектот, исто така, ќе ја зајакне прекуграничната соработка преку поддршка на создавањето нова визија за одржлив развој на регионот на Преспанско Езеро.
Истиот тој ќе се фокусира на четири важни области на поддршка, и тоа во заштита на биодиверзитетот, во борбата против загадувањето на водата и почвата, во одржливи деловни и прехранбени системи во руралните области и во поттик и развој на прекугранична соработка.
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, и амбасадорот на Европската Унија и шеф на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, Дејвид Гир, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, кои учествува на форумот и беа во посета на Преспанскиот Регион, каде што заедно со градоначалникот на општина Ресен, Јован Тозиевски, ги презентираа комплементарните активности и мерки, се согласија дека Европската Унија како инвеститор, Програмата за развој на Обединетите нации како имплементатор, заедно со Општина Ресен, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Царинската управа и други национални и локални партнери и засегнати страни ќе работат на заштита на биодиверзитетот во Преспанско Езеро, развојот на одржливото земјоделство и туризам, а ќе се спроведат и крупни инфраструктурни интервенции за справување со отпадот и отпадните води и поттикнување на регионалниот развој.
ЕУ и УНДП со финансиска поддршка на два проекта важни за Преспа
Инвестициите во Преспанскиот Регион што ќе се спроведат преку два проекта, финансирани од ЕУ и делумно од УНДП и национална контрибуција „ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделство и туризам“ ќе овозможат промоција и поддршка на добрите земјоделски практики, изградба на системи за управување со отпадни води, со што повеќе од 1.500 жители на шест села ќе имаат и пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик, а мрежата за собирање цврст отпад ќе се прошири со 11 села и над 1.100 жители, со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година. Исто така, предвидено е и отворање на граничниот премин Маркова Нога меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.
Како што изјави првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во своето обраќање, ова се значајни инвестиции, кои бараат соработка на националните и локалните власти со меѓународните институции и граѓанскиот сектор. Со изградба на прекуграничниот премин кај Маркова Нога ќе се овозможат подобри услови за развој на земјоделството и туризмот и полесен промет на луѓе и стоки.
– Со реализација на овие инвестиции, како држава ја потврдуваме нашата посветеност кон отворено општество, прекугранична мобилност и соработка и промоција на „Зелената агенда“ за Западен Балкан во согласност со мотото „ниту една личност и ниту еден регион да не бидат запоставени“ – истакна Меџити.
Во рамките на посетата, високите функционери го посетија Царев Двор, „Духот на Преспа“, каде што им беа презентирани добрите практики за промоција на регионот на Преспа преку агротуризмот на локалните земјоделци. Исто така ја посетија и локацијата Маркова Нога, каде што треба да се изгради новиот граничен премин.
Проектите, како што беше најавено, ќе се имплементираат во наредните три години и ќе се спроведат до септември 2027 година.
Сега останува само да следиме, но и да потсетуваме и да поттикнуваме овие заклучоци, кои ја вратија надежта на Преспа, реално да се имплементираат, а не да останат мртво слово на хартија.