Фото: Принтскрин

Апсолутно се води сметка за правичната застапеност. Јас сум личен гарант за тоа. Ниту како човек, ниту како политичар, ниту како претседател на Владата нема да дозволам никој никого да минимизира или мајоризира. Квалитетот на луѓето, без разлика од која етничка припадност доаѓаат, треба да биде клучен и да биде приоритет. Тоа е темел на уставна вредност и дел од меѓународните резолуции и конвенции, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница.

Одговорајќи на прашање што го постави пратеникот Скендер Реџепи, Мицкоски информира дека законот за правична застапеност е готов и наскоро треба да влезе во собраниска процедура.

-Законот е готов, ги доби последните позитивни мислења од страна на Венецијанската комисија. Ќе ве потсетам, мислењето на Венецијанската комисија согласно последните измени во процесот на пристапување кон ЕУ и согласно последните барања за промена на методологијата во процесот на пристапување кон ЕУ се одлучувачки фактор. По нив се постапува и очекувам многу скоро овој закон да биде доставен тука, пред пратениците. Се надевам дека едногласно ќе биде усвоен и се надевам дека пратениците нема да ги загрозат европските интеграциски процеси на државата, односно ќе дозволат да биде импементиран овој закон што треба да обезбеди правична застапеност – истакна премиерот.

Тој уште еднаш потенцира и дека одлуки на Уставен суд од принципиелни причини не коментира.

-Жалам што упорно ги етнизирате прашањата, што не излеговте од таа матрица по толку време на политичката сцена, мислејќи дека на тој начин ќе добиете поени, а во суштина се повеќе станувате маргинални ликови. И тоа, според мене, е лоша порака за вашите гласачи. Мислам дека треба да ги гледате работите пошироко и пообјективно – му укажа Мицкоски на Реџепи.