Се разговара со Алијансата за Албанците и за евентуално приклучување на владината коалиција, но уште е рано да се зборува за некаков епилог. Од политичките партии велат дека се уште не е разговарано за детали и поделба на министерски и директорски функции, оти како што посочуваат, тоа е тековен процес.
Претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети по завршување на вчерашната средба во партиското седиште во Мала Речица, истакна дека и тој и премиерот Димитар Ковачевски се во разговори, но, како што посочи, уште е рано да се зборува за некаков епилог.
– Беше отворена и оваа тема. Средбите со нивни претставници ги остварив јас. Ги има остварено и Ковачевски со Таравари. Ќе видиме каков епилог ќе има од разговорите што ќе се реализираат меѓу двете страни. Се уште не е разговарано за детали, тоа е тековен процес. Ние, како Албанци имаме потреба за поголемо единство, да бидеме малку поорганизирани во насока на оставурање на мисијата – рече Ахмети.
Министерот за надворешни работи и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Бујар Османи на вчерашниот брифинг со новинарите потврди дека со Алијансата за Албанците се разговара за заедничката проценка дека постои политички моментум кој наметнува поголема координација помеѓу политичките партии чија цел е брза трака за членство во Европската унија.
– Дека се разговара, го потврдија сите чинители во процесот, но што се разговара е прашањето. Се разговара за заедничката проценка дека постои политички моментум кој што наметнува поголема координација помеѓу политичките партии кои што имаат за цел брза трака за членство во Европската унија, односно постојат вонредни предизвици кои што бараат вонредни пристапи. Кажав кои се тие вонредни предизвици. Првата, уставните измени кои што треба да го обезбедат неспречениот тек на преговорите, скринингот кој што исто така бара инклузивност на политичките субјекти кои бараат и веруваат во ветувањето, односно во намерата во 2030 година Северна Македонија да стане членка на Европската унија. Енергетската и економската криза, сето тоа се вонредни пристапи – рече Османи.
Османи потенцира дека тоа не значи дека се воведуваат нови преседани, туку се бара решение за конкретните предизвици.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, завчера осврнувајќи се на средбата од петокот со в.д. претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, истакна дека разговарале за европската иднина и за сите одлуки кои треба да се носат во Парламентот со широк политички и општествен консензус. Посочи дека на средбата не разговарале за влез на Алијансата за Албанците во Владата.
– Ние имавме состанок со Таравари во Владата. Потоа имаше одредени шпекулации дека имавме ручек некаде, тоа се дезинформации. Со Таравари разговаравме во Владата токму за тоа што беше во соопштението кое беше објавено, односно како продолжување на лидерската средба што ја имавме во изминатиот период со претседателите на сите политички партии. На состанокот раговаравме за европската иднина на државата која сите ја посакуваме и за сите одлуки кои треба да се носат во Парламентот со широк политички и општествен консензус. Пред се разговаравме за оние закони и реформи кои се однесуваат на владеењето на правото, борбата против корупцијата и справувањето со економската и енергетската криза. Во Собранието има над 130 закони, одлуки, регулативи, кои се блокирани од неодговоротното однесување пред се на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ, и рзговаравме со господинот Таравари токму за такви работи. Не разговаравме конкретно за влез во Владата и за ресори, и ако имаме состаноци во наредниот период тогаш благовремено ќе биде најавена средбата доколку се случи – рече Ковачевски.
В.д. претседателот на Алијансата за Албанците по средбата со Ковачевски во петокот истакна дека не добиле понуда за влез во Владата. Таравари рече дека таа можност не е исклучена, но ако се случи тоа партијата нема да ги помине црвените линии кои се неопходни за да продолжат да преговараат.
– Разговаравме за европскиот пат, борба против корупцијата, функционирањето на правната држава, европските закони што се блокирани во Собранието, за кои Алијансата цело време дава поддршка. Немаме официјални разговори за влез во Владата. Кога ќе има, ќе бидеме транспарентни и ќе го кажеме тоа, изјави Таравари и додаде дека во моментот нема ниту официјална, ниту неофицијална понуда. Имаме црвени линии што би биле неопходни. Кажавме дека и како опозиција ќе ги презентираме пред цела јавност, а тие мерки ќе бидат наш услов за влез во Владата – додаде претседателот на Алијанса.