Поврзување на Скопје со Прага, соработка меѓу двата аеродроми и воведување нови авиолинии, биле тема на разговорите меѓу заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и Јири Пос, претседател на Бордот на директори на aеродромот Вацлав Хавел – Прага, на средбата што денеска се одржала во Прага.
Како што соопштија од Министерството за транспорт, вицепремиерот Николоски потенцирал дека Владата е максимално посветена на поттикнување и развој на воздушниот сообраќај во земјава и дека се спроведуваат политики на воспоставување на широка мрежа на линии низ Европа и светот.
Тој на средбата ги презентирал можностите и условите што ги нуди државата за нови авиокомпании заинтересирани за операции од двата домашни аеродроми, истакнувајќи дека Владата ја разгледува секоја можност за соработка, упатувајќи на условите за финансиска подршка за воведување на нови линии.
– На средбата се отвори и прашањето за соработка меѓу аеродромот во Прага и Меѓународниот аеродром Скопје, како и можноста за воспоставување на нова линија меѓу Скопје и Прага, имајќи ги предвид добрите билатерaлни односи меѓу двете земји и потребата од поблиска комуникација меѓу двата народи – се наведува во соопштението.
Вицепремиерот Николоски на средбата ги истакнал и потенцијалите на аеродромот во Охрид и туристичката понуда што ја овозможува Охридско-струшкиот регион, како предност за воспоставување на нова авиолинија до Охрид. Притоа била разгледана и можноста за воспоставување на нова авиолинија Охрид – Карлови Вари.
Во рамки на работната посета на Прага, вицепремиерот Николоски денеска остварил средба и со претставници на автомобилската компанија „Шкода“ на која се разговарало за идна сорботка.
Вицепремиерот Александар Николоски е во работна посета на Чешката Република, каде учествува на пленарната сесија на Заедничкиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Чешката Република.