Фото: Маја Јаневска Илиева

На близу шест месеци до одржувањето на локалните избори институциите и политичките партии почнуваат да се подготвуваат за измени на Изборниот законик. Од Министерството за правда, но и од политичките партии потврдуваат дека деновиве има иницијативи за измена на Изборниот законик, без да се посочуваат што би содржеле измените.

Од Министерството за правда за МИА велат дека во однос на Изборниот законик, се преземааат активности за негова подготовка, но оти притоа сепак мора да се има предвид дека изборното законодавство бара широк консензус, и тука ќе биде потребен контруктивен пристап и поддршка од клучните политички фактори во земјата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во изјава за МИА вели дека се формира работна група за Изборниот законик, без да посочува детали што би содржеле вакви измени, како и тоа дали е превидена временска рамка за нивно носење.

-Секогаш е актуелно прашањето за Изборниот законик. Од она што во моментов го знам е дека се формира работна група при Министерството за правда која што ќе работи на евентуалните измени коишто произлегуваат и од потребите на политичките партии и од она што значат задолжувања или потреби на ОБСЕ/ОДИХР за одредени измени а се во насока на подобрување на изборниот процес кој што ќе следи – изјави Мицевски за МИА.

Во овој момент има некои иницијални разговори за Изборниот законик, вели за МИА портпаролот и пратеник на Левица Амар Мециновиќ. Без разлика што станува збор за локални избори, според него, на Левица и е важно да се артикулира потребата за воведување на една изборна единица.

-Што ни е нам важно, мислам дека во самиот процес е најважно да се артикулира потребата за една изборна единица иако тоа не се однесува за локалните избори, но низ низа извештаи на ОБСЕ и на други меѓународни институции и на наши општествени фактори – рак раната на Изборниот законик е поставеноста на изборните едници, така што за нас ќе биде приоритет е воведување на една изборна единица во кој било случај на преговори за Изборниот законик, а од друга страна ќе ја потсетиме јавноста дека на минатите локални избори кога цензусот за учество на независни листи беше покачен, ние го блокиравме тој обид за покачување на тој цензус затоа што сметаме дека не треба да се движиме кон, би рекол, стеснување на можноста за остварување на пасивното гласачко право туку напротив тоа треба да се прошири и да се демонополизира приматот кој го имаат создадено големите партии на системот и на олигархијата во изминатите 30 години – вели Мециновиќ.

Што би требало или би можело да се менува во Изборниот законик?

Последни измени на Изборниот законик имаше пред парламентарните избори 2024 година, но не беше прифатена верзијата на работната група од Министерството за правда, предводена од Александар Новаковски, адвокат и поранешен претседател на Државната изборна комисија.

Политичките партии, но и независни кандидати почнаа со интензивни подготовки за локалните избори. Засега може да се направи само груба контура на можни кандидатури за 80-те општини и Градот Скопје и тоа само за градоначалници, додека за советничките места се уште е премногу рано. Анализите во партиите се во тек, а главната битка ќе се води за Градот Скопје и поголемите општини. Несомнено, бројот на независни кандидатури би можел да зависи и од тоа дали ќе се намали прагот за кандидирање кој со последните измени на ИЗ од илјада беше зголемен на пет илјади.

Токму поради ова по иницијатива на граѓански организации, уставните судии на крајот на февруари со мнозинство гласови одлучија да ја оценуваат уставноста на членовите 17 и 18 од Изборниот законик, кои подржани од поголемите партии минатата година беа донесени во скратена постапка и без јавна расправа. И покрај ваквата одлуката, Уставниот суд се уште на седница не го ставил оценувањето на уставноста на членовите 17 и 18 од ИЗ.

Уставниот суд, како што беше тогаш посочено, изрази сомнеж во уставноста на измените на Изборниот законик како од неговата формална, така и од материјалната страна.

-Се нагласува дека, од аспект на две темелни вредности, владеењето на правото и политичкиот плурализам, повреда на принцип на еднаквост на граѓаните како и од аспект на членовите 22 и 23 кои го уредуваат еднаквоста на избирачкото право и пристапот на граѓаните, секој има право да извршува јавна функција – изјави тогаш на прес-конференција претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски.

Од она што досега се знае, доколку има разговори за измени на Изборниот законик, е дека Државната изборна комисија ќе бара исплатата на платеното политичко рекламирање да не оди преку нив бидејќи тоа не е надлежност на Комисијата.

Остануваат во измените на Изборниот законик пред локалните избори да се внесат и забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. На прес-конференција по последните избори лани во мај, тогашниот шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Џилјиан Стирк кажа дека иако во измените на (Изборниот законик) беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на работната група задолжена за изборните реформи.

-За жал, Изборниот законик неодамна беше изменет во недоволно транспарентна забрзана постапка и без консултации со јавноста што не е во согласност со меѓународните стандарди и заложбите на ОБСЕ. Иако во измените беа вклучени некои од претходните препораки на ОДИХР и технички предлози на ДИК, тие во голема мера не ги зедоа во предвид препораките на работната група задолжена за изборните реформи. Голем број на клучни препораки на ОДИХР и на Венецијанската комисија при Советот на Европа останаа нерешени вклучувајќи ги и оние за системско ревидирање на Изборниот законик, за обезбедување еднаков пристап до медиумите во изборните кампањи и за зголемување на отчетноста и интегритетот на финансирањето на кампањата – истакна Стирк на прес-конференцијата на 9 мај.

Пред претседателските и парламентарните избори во 2024 година, многумина политичари и експерти сметаа дека можеби е време земјава да добие комплетно нов Изборен законик, за што треба да се постигне консензус од сите политички партии.

Според сегашниот Изборен законик, локалните избори се одржуваат на секои четири години во втората половина на октомври. Доколку тоа остане така согласно сегашниот Изборен законик, тие треба да се одржат во недела на 19 или 26 октомври.

Територијалната организација на Републиката и подрачјата на општините се утврдуваат со закон. Локалната самоуправа во земјава е организирана во 80 општини и Градот Скопје, како посебна единица на локалната самоуправа. Во состав на Градот Скопје функционираат 10 општини, кои имаат поделени надлежности со Градот.