Фото: Државно музичко училиште Битола

Државното музичко училиште во Битола да се именува „Михајло Николовски-Ѓумар“, по човекот кој ги постави темелите и ја основа оваа значајна образовна установа во градот, е иницијативата која деновиве на социјалната мрежа Фејсбук гласно ја поддржуваат еминентни музички работници, професори, поранешни директори на училиштето, музичари од градот и државата, граѓани на Битола…

Гордана Трајковска, повеќе од три децении професорка по солфеж во музичкото училиште, на Фејсбук реагира на идејата училиштето да го носи името „Кирил Македонски“, оценувајќи дека е неправедно да се заобиколи човекот кој го основал и изградил училиштето.

– Во моментот се наметнува идејата училиштето да го носи друго име. Но ако веќе се именува – треба да го носи името на човекот кој го постави темелот, визијата и идентитетот на училиштето, а тоа е професорот Михајло Николовски – пишува Трајковска.

Таа додава дека е жално што дел од најмладите колеги не ја знаат историјатa и дека училиштето треба да се врати кон почитување на вистинските вредности и континуитетот.

Поддршка дава и поранешната директорка Кети Велковска, која потсетува дека училиштето уште пред осум години официјално се обратило до Министерството за образование со барање името да биде „Михајло Николовски“, но одговор никогаш не добиле.

Свој став изнесе и професорот во пензија Василчо Пецаковски, кој целиот свој работен век го поминал во ова училиште и вели дека Михајло Николовски е човекот кој го изградил училиштето, кој со огромен жар ги поддржувал битолските ученици и наставници.

Во коментарите на објавата на професорката Трајковска поддршка даваат и членови на семејството на Николовски,  професорката на Факултетот за музичка уметност во Скопје Марија Ѓошевска, Панда Зографска Беличанец од Фондацијата „Томислав Зографски“, Сузана Шошева Станковиќ, професорка во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ во Скопје,  како и културни работници како Калиопи Пили, пијанистката Марија Вршкова и долгогодишната новинарка и поранешна директорка на МОБ, Тина Иванова, која потсетува дека е автор на монографијата „Михајло Николовски – нашиот Папа Франк“ во која се документирани неговите огромни заслуги…

Неговиот син Вања Ѓумар Николовски исто така ја поддржа иницијативата.

– За жал, социјалните мрежи денес се најактуелен извор на информација. Овој пост е мое лично видување за околностите што владеат во нашата Македонија. Нема потреба од големи коментари – само се надевам дека одговорните ќе го прочитаат ова и ќе го протолкуваат онака како што доликува. Навистина ја поздравувам идејата да се почестат големите имиња на нашата култура, но реалноста мора да биде приоритет. Секому според заслугите, онаму каде што делувал и творел. Младите генерации треба да се гордеат со она што им е оставено во аманет. Во 1962 година во Битола е отворено Средното музичко училиште, а негов најголем заложник беше токму Михајло Николовски – назначен за прв директор, човек кој го постави училиштето на здрави темели. Истата година ја создаде и Музичката младина на Битола, која постигна големи успеси. До ден денес од ова училиште излегуваат одлични музичари кои ја доградуваат силната музичка традиција кај нас и надвор. Јас и моето семејство со длабока почит ја даваме нашата поддршка училиштето да го носи името Михајло Николовски – во чест на човекот кој остави огромна и неизбришлива трага во културата, образованието и уметноста, во Битола, во Македонија и надвор од неа – напиша Николовски.