Новогодишната елка беше поставена под вода кај Заливот на Коските – Музеј на вода во Охридското Езеро. Традицијата за поставување на подводната елка трае повеќе од 20 години и симболично ги одбележува претстојните новогодишни и божиќни празници.
Елката ја поставија нуркачите на нуркачкиот центар „Амфора“ во соработка со Здружението за ретки болести со поддршка на волонтерите на Црвениот Крст од Охрид.
– Оваа празнична акција е посветена на децата со ретки болести, малите херои кои нè учат на сила, надеж и љубов секој ден. Нека празничниот дух стигне до секое срце и донесе здравје, топлина и поддршка таму каде што е најпотребна – велат организаторите на овој традиционален настан.









































