Фото: Маја Јаневска-Илиева/Илустрација

Четириесет и седумгодишна жена почина, седумдесет и деветгодишна се бори за живот, а нејзиниот син е во добра здравствена состојба на скопските клиники по наодите на лекарите се затруени со пестицид. Се бара одговор како отровот завршил во пита со праз, со која најверојатно се затруле. Денеска ќе се врши и обдукција на телото на починатата.

Од МВР информираат дека на 17 октомври 2023 година во 12 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија било пријавено дека на 15 октомври 2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени Ц.С.(79), Ѓ.С.(55) и Д.Ќ.(47), сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје. Лицата биле задржани за понатамошно лекување. Бил известен јавен обвинител, а од местото на настанот биле подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот. На 19 октомври 2023 од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ полицијата добила известување дека едно од лицата починало и телото е дадено за обдукција.

-Со години сведоци сме на злоупотреба на смртоносни отрови, нивно расфрлање по високофреквентни јавни површини (паркови, училишни дворови, детски игралишта, околу влезови и ресторани, повеќето со безбедносни камери, што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот) масовни труења животни со супстанции, кои за десетина минути, само по вдишување и на најлош можен начин убиваат животни што тежат и повеќе од 40 килограми – реагираат од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“.

-Баравме истраги на терен и меѓуинституционална соработка, пред сѐ, од МВР, АХВ, општините, проверки во земјоделските аптеки, пазарите, секогаш подржани и од новинарите, кои темата ја третирале пред јавноста зашто нѐ засега сите. Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но, од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единствена мерка никогаш не била преземена, тука и таму некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на ПР, а најчесто само игнорирање и молк – велат од „Анима мунди“.

Оттаму велат дека вчера цело семејство е „жртва на стравотниот пестицид ‘ланате’“.