Во пресрет на претседателските и парламентарните избори, политичките партии во земјава ги формализираат коалициите, а Државната изборна комисија (ДИК) се подготвува за организирање и спроведување на изборите. За една недела односно на 4 април започнува изборната кампања за седмите претседателски избори на кои во првиот круг на 24 април ќе се гласа за седум кандидати. Парламентарните избори се на 8 мај, а до 2 април учесниците на изборите треба до ДИК да ги достават листите со кандидати за пратеници.
Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски вчера во седиштето на партијата потпиша коалициски договор со лидерите на партиите кои влегоа во „Коалиција за европска иднина“. Коалицискиот договор го потпишаа СДСМ, НСДП, ЛДП, Партијата за движење на Турците, Партијата на пензионери, ДОМ, ВМРО НП, Демократски сојуз на Власите во Македонија, ПОЕН, Сојуз на Ромите во Македонија, Десница, Партија за демократски просперитет на Ромите, СДА, а кон коалицискиот договор се приклучи и Движењето Нова Република.
„Коалицијата за европска иднина“, како што посочија, е целосно посветена на европскиот пат и има јасен план за европски животен стандард, просперитетна и развиена држава, во која функционира демократијата, владеењето на правото, социјалната правда. Коалицијата се залага за европски животен стандард за граѓаните, економски раст и развој преку директни вложувања и странски инвестиции, преку капитални и инфраструктурни инвестиции, но и преку поддршка на домашните компании, како и за достоинствен живот за пензионерите како основни постулати на предизборните активности и кампањи.
-Победничката проевропската коалиција ќе ја формира новата проевропска влада по завршувањето на претстојните избори, ќе биде предводник во реформските процеси и ќе се залага за завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година, наспроти нови 11 години изолација и заглавување кои ги нуди опозицијата – наведуваат од СДСМ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, коментирајќи го преминувањето на некои од досегашните владини коалициски партнери во коалиција со нив, рече дека тие имаат принципиелен заеднички договор за настап на парламентарните избори и очекуваат понатаму, врз основа на тој договор, да функционираат како идна влада. Демократски сојуз и Достоинство веќе објавија дека излегуваат од владината коалиција и дека се приклучуваат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека не може во нивно име да каже зошто се одлучиле на таков чекор иако, како што напомена, би сакал причината за тоа да биде изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа прашање треба да го поставите на тие, не би можел во нивно име да дадам одговор. Ние имаме принципиелни разговори и преговори и принципиелен заеднички договор за настап на следните парламентарни избори и очекуваме понатаму, врз основа на тој договор, да функционираме како идна влада. Околу мотивот и причината, можеби тие ќе треба да ви дадат одговор. Јас би сакал тоа да е фактот што тие препознале во нашата програма добри работи и поради тоа одлучиле да ја прифатат. Имаше и такви кои преговараа со нас, не успеавме да постигнеме договор, или ќе настапат самостојно или ќе останат заедно со актуелните владејачки партии, дали се тоа СДСМ или ДУИ без разлика – рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со раководството на Стопанската комора на Македонија.
Според него, коалицирањето на ДУИ со други политички партии ќе биде неуспешен политички маневар.
-ДУИ треба да даде одговор зошто го прави тоа. Ако мене ме прашувате, ценам дека се обидуваат да направат маневар на политичкиот простор со што ќе го ублажат поразот на следните избори од страна на консолидираната, условно кажано, албанска опозиција. Не мислам дека овој потег ќе биде успешен, имајќи ги предвид лицата кои пристапуваат на таа коалиција, но времето и гласачите ќе покажат. Можеби моето толкување е погрешно. Во минатото имаше многу обиди ДУИ да претстави одредени позиции кои се неуспешни, како „Зелената транзиција“ која наместо еколошки, презентираше „тендер“ политики. Мислам дека ова ќе биде неуспешен политички маневар, но времето нека биде одговор на овие дилеми – истакна Мицкоски.
Политичките партии ГРОМ – Граѓанска опција за Македонија, ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија и ПЦЕР – Партија за целосна еманципација на Ромите исто така потпишаа коалициски договор за заеднички настап на претстојните избори. Договорот беше потпишан од тројцата партиски лидери Стевчо Јакимовски на ГРОМ, Љупчо Ристовски на ИНТЕГРА и Самка Ибраимовски на ПЦЕР.
Непромена на Уставот, пораст на животниот стандард, социјална заштита на граѓаните, подобро образование, безбедносен систем, енергетика, инфраструктура…се дел од програмата на Коалицијата „Храбро за Македонија“ со која ќе учествуваат на претстојните претседателски и парламентарни избори.
Јакимовски нагласи дека Коалицијата „Храбро за Македонија“ се формира јасно да каже дека притисоци, уцени и уставни промени нема да поддржат, ниту пред, ниту по изборите и дека остануваат цврсто на ставот за решавање на оние проблеми кои, како што рече, ни се наметнуваат вештачки. Потенцира дека клучно за коалицирање после изборите е непромената на Уставот.
Со ставањето потпис на договорите на претседателите на политичките партии Демократската унија за интеграција (ДУИ) и Демократската партија на Турците во Македонија (ДПТМ), во Гостивар беше официјализиран коалицискиот договор за изборите. Али Ахмети, лидерот на ДУИ коалицискиот договор го оцени како историски чин на соработка која, како што рече, ќе трае и по изборите.
– Овој фронт ќе биде не само за една употреба, само за изборите, за претседателските и парламентарните избори од 2024 година, туку ќе биде вечен затоа што интересите се заеднички. Ова партнерство, овој фронт и вие самите, почитувани, припадници на турската заедница, ќе се уверите дека ќе биде повеќе од политика, ќе биде братска соработка. Ова е најголемата поврзаност меѓу двата народи, двете нации – напомена Ахмети
Првиот човек на ДПТМ, Бејџан Илјаз обраќајќи се на турски и албански јазик истакна дека денешното потпишување на договорот е потврда на мултиетничкиот дух кој владее во овој град.
Повикувајќи се на свои извори, медиумите јавуваат дека ДУИ ќе коалицира и со Алијанса на Албанците на Зијадин Села.
Покрај партијата на Бејџан Илјаз, претходно кон коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ се приклучија Демократската партија на Албанците (ДПА) на Мендух Тачи, Народното движење на Скендер Реџепи-Зејд и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа.