Фото: Министерство за дигитална трансформација \ Стефан Андоновски

Министерството за дигитална трансформација ги финализира активностите за усогласување со европската регулатива за воведување на моделот „Роаминг како дома“ со Европската Унија, а паралелно се отвора и прашањето за прецизирање на законската рамка за инфлуенсерите и креаторите на содржина, изјави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

Тој потврди дека Европската комисија пред две недели официјално го отвори процесот за сите држави од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, со напомена дека секоја од нив ќе мора поединечно да ги исполни условите пред започнување билатерални преговори. Министерот рече дека очекува дека Македонија ќе биде првата држава во регионот која ќе ги исполни сите критериуми, по што ќе може да влезе во преговори со Европската комисија, која ќе биде посредник пред европските телекомуникациски оператори.

– Во овој период ЕУ веќе ги доби измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации со кои што целосно се усогласуваме со барањата на ЕУ во делот на безбедност, на фер користење на роамингот, на цени, на утврдување на цените прекугранично, и очекувам дека овој утврден текст кој што ние веќе го утврдивме на влада и го испративме до ЕК, по добивањето на коментарите на ЕК ќе го испратиме во собранието и ќе го донесеме, што значи дека ќе бидеме првата држава од регионот која што ќе ги исполни условите за роаминг како дома, потоа ќе влеземе во преговарање со ЕК, таа ќе биде нашиот застапник пред европските телеком оператори и со нив ќе постигнеме договори, јас очекувам дека тоа ќе се случува во 2026 но динаминката ќе заврши од ЕК, ние сме подготвени – посочи министерот.

Во однос на регулацијата на инфлуенсерите, министерот информира дека вчера е одржана средба со претставниците на Здружението на инфлуенсери, а веќе е закажан состанок и со директорот на Агенцијата за аудио‑визуелни медиумски услуги, пренесува МИА.

– Вчера разговаравме со претставниците на Здружението на инфлуенсери, закажавме состанок и со директорот на АААВМУ, да видиме кои се можностите, има една недореченост во законот за АААВМУ кој што не прави разлика помеѓу платформа и креатор на содржини, не разликува што е тоа платформа како инстаграм, фејсбук јутуб и што е тоа креатор што ја користи оваа платформа да пласира своја соджрина. Ќе видиме дали ќе треба да се оди со дополнителни менувања на правилникот, или, пак, ќе мораме да одиме со законска измена која ќе го разјасни овој дел за да бидеме на линија на тоа што се европски барања, затоа што во ЕУ се прави јасна дистинкција за тоа што е платформа а што се креатори на содржини – појасни министерот.