Политичките партии во владина коалиција предводена од СДСМ и ДУИ, предложија потпишување на заеднички Манифест преку кој, како што велат, ќе се даде поддршка за водење преговори за полноправно членство во ЕУ. Со Манифестот се повикува на обединување на сите политички партии, во контекст на поддршката за уставните измени со кои Бугарите и пет други народи треба да се вметнат во Преамбулата, пренесува Слободна Европа.
– Собранието да ги усвои уставните измени за автоматско и безусловно одржување на втората Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, без дополнителни одлуки од страна на земјите членки – се вели во Манифестот.
На власта и треба двотретинско мнозинство односно 80 гласа, кое засега во 120- члениот Парламент го нема.
– Ја реафирмираме нашата позиција дека клучен државен интерес на Република Северна Македонија е што поквалитетно завршување на преговарачкиот процес и оттаму што побрз влез во полноправно членство во Европската Унија. Поаѓајќи од изразената намера Северна Македонија да ја достигне подготвеноста за полноправно членство во 2030 година, ние, политичките партии претставени во Собранието со своето делување се обврзуваме пристапните преговори да завршат под најповолните остварливи услови и во најкраток можен временски рок, потполно свесни за обврските кои произлегуваат од членството во ЕУ – се вели во Манифестот за кој владејачките партии бараат поддршка од опозицијата.
Во него е посочено дека Собранието ја задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија.
– Во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка – пишува во Манифестот.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека со овој Манифест власта уште еднаш ја испушта можноста за консензус.
– Имено, седнале Бујар Османи, Артан Груби и можеби Бојан Маричиќ, напишале документ кој го насловиле манифест и откако самите го дефинирале го пуштаат во форма на соопштение преку сервисната служба на СДС до јавност со повик ВМРО-ДПМНЕ да прифати веќе напишан документ. Освен тоа што со овој чекор тие признаваат дека не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата, тие покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. ВМРО-ДПМНЕ, откако официјално ќе го добие тој документ, ако воопшто има основа за разгледување, ќе го изанализира и ќе излезе со свој став – изјави портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски .
Овој документ доаѓа десет дена пред собраниската седница на која на дневен ред е потребата од промена на Уставот. Седницата е закажано за 18 август. Уставните измени влегоа во собраниска процедура, откако на 18 јули поминаа на владина седница. Процесот во Собранието започна точно една година од одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската унија (ЕУ).