Новоизбраниот државен јавен обвинител, Ненад Савески, истакна дека нема да коментира изјави на други лица, нагласувајќи дека првите денови на функцијата ги посветил на средби со јавните обвинители во Државното јавно обвинителство. Тој најави дека планира средби и со сите јавни обвинители по подрачја на четирите виши јавни обвинителства, а потоа и со основните јавни обвинителства.
Савески, во изјава за медиумите пред денешната седница на Советот на ЈО, одбегна да даде коментар за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски во врска со работата на СЈО и обвинителката Катица Јанева.
На прашање за гласините дека постојат предмети што се „чуваат во фиока“, Савески нагласи дека е само неколку денови на функцијата и дека јавноста навремено ќе биде информирана за секоја одлука:
– Дајте малку време, приоритет е учеството на седниците, пополнување на испразнетите места и создавање услови за нормално функционирање – рече Савески.
Тој посочи дека работата на Јавното обвинителство, надлежностите и обврските на секој јавен обвинител, како и на државниот јавен обвинител, произлегуваат од законските регулативи.
Во врска со случајот со гувернерот Трајко Славески, Савески изјави дека се следат состојбите и дека доколку се утврди основ за отворање на предистражна постапка, тоа ќе се постапи согласно законот.
– Нема отстапки, се постапува според законските обврски. Секој предмет се оценува индивидуално, а јавноста ќе биде информирана преку службата за односи со јавноста – рече Савески.
За барањето за изземање на обвинителката Ленче Ристовска и случајот со пожарот во Кочани, тој истакна дека сè уште не е донесена одлука.
– Имајте предвид дека сум на функцијата само неколку дена. Сè што ќе дојде по редослед за одлучување, јавноста ќе биде навремено запознаена преку медиумите – заклучи Савески.
































