Фото: МИА

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата, по анализа на кандидатите и нивните биографии, заклучила оти Ненад Савевски може да биде соодветно решение за нов државен јавен обвинител.

Тој посочи дека при изборот биле разгледани и заклучоците од Советот на јавни обвинители, по што на владина седница била донесена одлука Савевски да биде предложен за функцијата.

– Ги анализиравме сите кандидати, нивните биографии, како и заклучоците од Советот на јавни обвинители и во една конструктивна дебата како Влада заклучивме дека Ненад Савевски може да биде соодветно решение за нов државен јавен обвинител – рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто токму Савевски е владин избор, Мицкоски истакна дека, според неговата биографија и дополнителните информации што ги добиле, оценето било дека тој може да биде добар, па дури и одличен државен јавен обвинител.

– Јас лично не го познавам Ненад Савевски, но од она што можев да го видам од неговата биографија и од распрашувањето, цениме дека би можел да биде добар, односно, да не речам и одличен нов државен јавен обвинител – изјави Мицкоски.