Јавниот обвинител на Македонија, Ненад Савески денеска оствари средба со амбасадорот на Европската унија во земјава Михалис Рокас, со кого на почетокот на својот мандат разговараше за приоритетите на соработката и на европската поддршка за институцијата.
– Средбата е доказ за актуелната соработка, но и силен поттик за идните заеднички проекти – истакна Савески.
Амбасадорот Рокас му го честиташе изборот на една од највисоките функции во правосудството и му посака успешна работа.
Во разговорите тие заеднички се осврнаа на приоритетите во однос на борбата против корупцијата и на суштинско враќање на довербата на граѓаните дека правосудниот систем функционира.
Савески и Рокас се согласија за потребата од стабилен буџет за јакнење на капацитетите на Јавното обвинителство. Амбасадорот Рокас ја изрази поддршката за независноста и за јакнење на транспарентноста на обвинителството.
Државниот јавен обвинител ја искористи можноста да се заблагодари за континуираната поддршка од ЕУ за Јавното обвинителство, но и за владеењето на правото во нашата земја воопшто.
































