Фото: Маја Јаневска Илиева

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески оцени дека притворот како најригорозна мерка треба да се користи поретко, а институциите да се насочат кон почеста примена на поблаги алтернативи, пренесе МИА.

Во интервју за 360 степени, Савески посочи дека притворот е не само најстрога, туку и најскапа мерка, што претставува значителен товар за буџетот, особено во услови на ограничени финансиски ресурси. Дополнително, тој укажа дека условите во притворските одделенија често се нехумани.

Како алтернатива, го истакна користењето гаранции и куќен притвор, кои, според него, се ефикасни во спречување на бегство и истовремено поекономични за државата.

Савески нагласи дека долгогодишната пракса на лесно определување притвор треба да се преиспита и усогласи со стандардите на Европската конвенција за човекови права и судската пракса во Стразбур.

Во однос на работата на обвинителството, тој подвлече дека обвинителите мора да постапуваат независно и врз основа на докази, без влијание, иако постои хиерархиска структура во институцијата.

Осврнувајќи се на финансиските услови, Савески потенцира дека е неопходна поголема буџетска поддршка, бидејќи, како што рече, „не може сиромашно обвинителство да се бори против богат криминал“. Тој додаде дека стабилното финансирање е клучно и за независноста и за ефикасноста на институцијата.

Во однос на новиот закон за јавно обвинителство, кој е во собраниска процедура, Савески изрази очекување дека ќе се направат корекции со цел да се обезбеди реална финансиска поддршка и подобри услови за работа.