Фото: МЕРМС

Напредокот на земјава во реформите во електроенергетскиот сектор, зајакнувањето на енергетската стабилност и сигурноста на снабдувањето, како и интеграцијата на националниот пазар со регионалниот и европскиот енергетски пазар беа во фокусот на работната средба во Скопје меѓу министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и директорот на Секретаријатот на Енергетска заедница, Артур Лорковски, пренесе МИА.

На состанокот се разговараше и за забрзувањето на процесите на декарбонизација, како и за зголемувањето на уделот на обновливите извори на енергија во енергетскиот систем. Воедно беше истакната и потребата од понатамошно усогласување на националните политики со европското енергетско законодавство.

На средбата присуствуваа и управителот на МЕМО ДООЕЛ, Зоран Ѓоргиевски, како и заменик-генералниот директор на МЕПСО, Александар Пауноски. Тие разговараа за клучните реформски чекори во енергетскиот сектор и за напредокот на државата во процесот на интеграција со европските енергетски политики.

Од Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини информираа дека на средбата била презентирана реализацијата на тековните енергетски проекти во повеќе области, при што била нагласена посветеноста на институциите за забрзување на реформските процеси.

Министерката Божиновска посочи дека енергетската транзиција и модернизацијата на системот се меѓу стратешките приоритети на државата, со цел создавање стабилен, конкурентен и одржлив енергетски систем.

– Нашата цел е јасна – енергетски систем кој обезбедува стабилност, сигурност и долгорочна одржливост. Реформите што ги спроведуваме не се само обврска кон европската агенда, туку и инвестиција во енергетската независност и економската иднина на државата – истакна Божиновска.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Лорковски, ја нагласи важноста од продолжување на реформите и продлабочување на регионалната соработка, што, според него, претставува клучен предуслов за целосна интеграција на земјите од регионот во европскиот енергетски пазар.