Сѐ уште формално е активна сметката на Црвениот крст за донации за семејствата на настрадните во Кочани и во моментов на сметката има околку 11 милиони денари, изјави денеска генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, одговарајќи на новинарско прашање.
Саити појасни дека поголеми приливи на сметката не се случуваат.
– Тоа што го направивме како Црвен крст ги поделивме сите средства. Во моментов на сметката на Црвениот крст има околку 11 милиони денари, средства кои ќе се дистрибуираат на настраданите од несреќата во Кочани по направена реевалуација од страна на комисијата на Министерството за здравство, која е во тек. Цел на реевалуација е да се утврдат најитните потреби на преостанатите лица, односно луѓе кои се во фаза на лекување, а им се потребни дополнителни средства. Се однесуваме крајно одговорно затоа што сметаме дека ресурсите се ограничени, а потребите на луѓето треба да се идентификуват објективно и да се надоместат објективно – вели Саити пред промоцијата на Мрежата „Соседите помагаат први“.
Тој информира дека досега Црвениот крст има направено две ревизии на работењето на таа сметка и ги повика сите заинтересирани да ги погледат на нивната веб-страница.
– Идејата беше преку тие ревизии да ја зголемиме отчетноста, транспарентноста на нашето работење и сите тие што продонесоа да го направиме тој хуманитарен капитал да знаат каде се, на кој начин се префрлени и сето тоа да биде во правец на стекнување со право и понатаму како Црвен крст да бидеме мобилизатори на хуманитрните ефекти во нашата држава – изјави Саити.
Прашан за обилните врнежи во земјава, Саити рече дека се во комуникација со Центарот за управување со кризи.
– Тие се на терен, но нашите сили, нашите капацитети се подготвени доколку е потребно веднаш ќе се вклучиме и ќе бидеме во функција на отстранување на евентуалните последици – посочи Саити.
Директорот на ЦУК Мухамед Али, во изјава за медиумите посочи дека дека по обилните врнежи во земјава во моментов состојбата е стабилна.
– Вчера имаше мало излевање на реката Пчиња кај Куманово, но денеска е стабилна состојбата во цела држава. Сите екипи се на терен и комуницираме со сите институции, како УХМР. Нема поплавени подрачја и сме подготвени на терен – рече Али.




































