Фото: Маја Јаневска - Илиева

Европската Унија не може да се бори против антисемитизмот ако дозволи искривувањето на историската вистина на холокаустот да биде макар и најмал дел од предусловите за членство, рече денеска директорот на Музејот на холокаустот, Горан Садикарио, на одбележувањето на 27 јануари, Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот и 80 години по ослободувањето на Аушвиц во Министерството за надворешни работи во Скопје.

– Компромисот со историската вистина за холокаустот на македонските Евреи може да го компромитира уникатниот статус на холокаустот како тотално зло. Не смее да се дозволи таков преседан, бидејќи секој преседан, порано или подоцна, може да стане правило. Холокаустот на македонските Евреи и на Евреите од тогашните окупирани делови на Грција и Србија од бугарска страна е дел од светската историја на холокаустот и не смее да биде третиран како прашање за кое може да се преговара – рече Садикарио.

Со помош на бугарската фашистичка окупаторска власт, на 11 март 1943 од Битола, 3.351 лице од еврејско потекло, заедно со другите Евреи од Македонија, беа одведени во логорите на смртта во Треблинка, од каде што ниеден не се врати. 7.144 Евреи или 98% од вкупното еврејско население од тоа време беа депортирани во Треблинка. Дел од младите Евреи кои се извлекле од блокадата се приклучиле кон партизанските единици во Народноослободителната борба.

– Историскиот ревизионизам и релативизирање на настаните од минатото, спонзорирани или поттикнати од државниот апарат се реалност. Па оттука се поставува прашањето, дали „Никогаш повеќе“ и „Да не се заборави“ се само празни флоскули или имаат некакво суштествено значење во креирање на свет ослободен од секакв вид на дискриминација, ксенофобија, антисемитизам, шовинизам, и исклученост. Токму затоа сме денеска тука, да се сеќаваме, да ја одбраниме историската вистина и да се спротивставиме на обидите за бришење на доказите за холокаустот на македонските Евреи преку историски ревизионизам, рехабилитација и глорификација на злосторниците. Затоа од тука порачуваме дека треба да постои свест за негирањето и искривување на холокаустот, таквите невистини треба да се оспорат и осудат на национално и меѓународно рамниште – рече Садикарио.

Тој рече дека едукацијата за холокаустот е основниот столб на Меморијалниот центар, но во истовреме има цврста мисија за одбрана на историската вистина.

– Во сеќавање на 6 милиони убиени Евреи, во спомен на нашите македонски- еврејски жртви, комеморираме и не забораваме, опоменуваме и едуцираме. Ние новите генерации од еврејската заедница го чуваме минатото и ги зацврстуваме врските со сите оние кои со нас го чуваат доброто од злото, со нас гласно опоменуваат и го пренесуваат историскиот факт преку образованието – најзначајниот чувар на минатото и светилник на иднината – рече Садикарио и најави дека Управниот одбор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија донесе одлука за бесплатен влез на организирани групи од основните и средните училишта во Меморијалниот центар.