Американската амбасадорка со порака дека Македонија и Бугарија треба да се посветат на работи што ги зближуваат
Во светлината на војната во Украина, како и поради растечките тензии во регионот, официјален Вашингтон сака што поскоро да ја врати европската перспектива кај сите земји од овој дел на Европа, па затоа ја користи Македонија како свој стратегиски партнер за откочување на блокираните процеси. Токму во таа насока се последните повици од американска страна дека историјата е важна, но дека иднината е многу поважна и дека Македонија и Бугарија треба да разговараат за посуштествени работи
Наметнувањето на потребата од брзи резултати во работата на мешаната историска комисија со Бугарија, како услов за одобрување на протоколите што се дел од преговарачката рамка за земјава, создаде непотребна тензија во односите меѓу двете земји, кои се сведоа на најниското можно ниво од македонската независност пред нешто повеќе од три децении.
Иако сугестиите на повеќето експерти во делот на евроинтеграциите беа работата на комисијата да си остане во научните кругови, надвор од преговарачкиот процес, со прифаќањето на таканаречениот француски предлог поранешните македонски власти се согласија во исто време да се разговара и за историјата, занемарувајќи го фактот дека Бугарија ја користи историската комисија како алатка за ремоделирање на македонската историја и нејзино приспособување според бугарските потреби.
Македонските граѓани со право негодуваа на одлуката да се разговара за историјата во рамките на пристапните преговори со ЕУ, а нивните предупредувања се покажаа како оправдани кога се појавија и првите присвојувања од бугарска страна на македонски револуционери и важни историски датуми од македонската историја, што создаде дополнителна тензија кај македонските граѓани бидејќи стана повеќе од очигледна намерата на официјалната бугарска политика кон земјава што има континуитет веќе 150 години.
Од моментот кога разговорите за историјата Бугарија ги претвори во преговори за целосно преземање на македонската историја стана јасно дека Македонија останува закочена на европскиот пат на подолг рок, а услов за откочување е целосно идентитетско обезличување. Откако се откажа од вековното име во спорот со Грција и на тој начин се создаде шанса за рекреирање нов идентитет во согласност со географската одредница, сега Бугарија го користи моментот да притисне и за ремоделирање на историјата, со што дефинитивно ќе биде збришан македонскиот народ од ова подрачје, а ќе се отвори вратата за една нова нација чии почетоци ќе се поврзуваат со потпишувањето на Преспанската спогодба.
Македонскиот народ и повеќето граѓани во државата не се согласија на таквите геноцидни политики, па од тие причини јасно истапија со барање земјата да преговара во согласност со вистинските европски критериуми, што од друга страна го стопира евроинтегративниот процес и не се наѕира никаков сигнал дека тој во скоро време ќе продолжи.
Агелер: Како што зборуваме за историјата, да зборуваме и за транспортот, енергетиката, образовните размени…
И додека земјава е решена повеќе да не прави идентитетски отстапки кон никого, САД будно го следат развојот на настаните во регионот, свесни дека доколку македонските евроинтеграции се одложат на подолг рок, тоа може да значи и загрозување на американските стратегиски интереси во овој дел на Балканот.
Во светлината на војната во Украина, како и поради растечките тензии во регионот, официјален Вашингтон сака што поскоро да ја врати европската перспектива кај сите земји од овој дел на Европа, па затоа ја користи Македонија како свој стратегиски партнер за откочување на блокираните процеси. Токму во таа насока се последните повици од американска страна дека историјата е важна, но дека иднината е многу поважна и дека Македонија и Бугарија треба да разговараат за посуштествени работи.
– Една од работите за кои разговарав и со претходната влада и сега со оваа нова влада е тоа дека историјата е многу важна, таа нѐ дефинира сите. Нашата историја како држави нѐ донесе таму каде што сме денес. Не само што е важно да се разговара за историјата, знам дека ова е дел од билатералните и меѓународните договори, исто така е важно да се разговара и за иднината. Мојата основна надеж е дека како што се зборува за споделената историја што С Македонија ја има со своите соседи, особено со Бугарија, исто така ќе се зборува како ќе одиме напред во однос на транспортот, енергетиката, образовните размени… се надевам дека не гледаат само во историјата, туку дека гледаат и кон иднината – рече американската амбасадорка Анџела Агелер во неодамнешното гостување на централниот дневник на ТВ Сител.
Изјавата на американската амбасадорка доаѓа по нејзиниот престој во Вашингтон, од каде што се врати неодамна, а не е исклучено токму вакви инструкции да се доделени од американскиот Стејт департмент, кој очигледно не е задоволен од долгиот застој во евроинтегративниот процес на земјава. Неодамнешната посета на првиот човек на ЦИА на Балканот говори дека официјален Вашингтон сака да упати порака и до самата Европска Унија дека предолго ги држи земјите кандидати во чекалница без некоја посебна причина и дека тоа создава одредени безбедносни ризици по американските интереси. Прва на нишан е аспурдната историска комисија меѓу Македонија и Бугарија, која со својата работа придонесе за дополнително заострување на македонско-бугарските односи и блокада на евроинтегративниот процес на земјата, без оглед колку во јавноста се минимизира нејзината улога.
Американскиот пристап идентичен со македонските заложби
Познавачите на состојбите, коментирајќи ја последната изјавa на амбасадорката Агелер, оценуваат дека тоа е јасна порака до двете страни да се насочат исклучиво кон работи што значат прогрес, а не блокади.
– Ваквата изјава следува по враќањето на Агелер од Вашингтон. Не може да се исклучи ниту тезата дека американската амбасадорка добила соодветни инструкции како да ги постави американските политики тука, па веројатно во таа насока може да се толкува и изјавата. Се разбира, станува збор за идентична позиција за која се заложува и Македонија, да се тргне историјата настрана и за неа да се расправа во научните кругови, а фокусот да се стави на соработката во делот на инфраструктурата, културата, економијата, енергетиката, образованието, здравството… Затоа Агелер ја поздрави и посетата на македонската претседателка на Софија, бидејќи САД сакаат да ги затоплат односите меѓу двете земји врз основа на точките што ги зближуваат, а не што ги разделуваат двете држави и двете општества. Од ваквата иницијатива можеби е изненадена и самата Бугарија, која продолжува да ја посочува Македонија како некооперативна страна, што очигледно веќе не поминува, така што ситните провокации за време на посетата на македонската претседателка одат на бугарско конто – објаснуваат аналитичарите.
Според нив, САД очигледно сакаат да ја преземат иницијативата од анемичната ЕУ, која очигледно не знае што сака со процесот на проширување, а со тоа ги загрозува и американските интереси.
– Вашингтон не сака тука да се плеткаат трети страни и затоа упатува порака и до ЕУ да престане да калкулира и да понуди вистинска временска рамка за зачленување на сите држави од Западен Балкан, без никакво оптоварување со билатерални прашања. Кога сите ќе влезат, потоа меѓу себе нека си ги решаваат прашањата, но атмосферата кога се сите внатре во клубот ќе биде многу попријатна и за разговори и за наоѓање решенија – истакнуваат соговорниците.
И покрај напорите на САД да помогнат во затоплување на македонско-бугарските односи иницирајќи посети и поттикнувајќи културна дипломатија како алатка за топење на мразот во односите меѓу двете земји, официјална Софија најбезобразно ги отфрли таквите иницијативи, обидувајќи се и ваквиот искрен и пријателски пристап и од Вашингтон, но и од македонска страна, целосно да го омаловажи и со тоа уште повеќе да го продлабочи јазот меѓу двете земји. Без оглед што одгласите во бугарската јавност се во насока дека Бугарија извојувала некаква дипломатска победа над Македонија, во суштина се работи за дебакл на официјалната бугарската политика кон Македонија, со што уште се потврдува тезата дека на Бугарија добрососедството воопшто не и е приоритет, туку од позиција на членка на ЕУ, го користат аргументот на силата да ги остварат сопствените прикриени цели, најдрско занемарувајќи ги и американските иницијативи и македонските добри намери.