Фото: Нова Македонија / Илустрација

Сѐ уште нема договор, кога би имало би го објавиле, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со заедничката изградба на тунелот на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и бугарска страна.

Како што изјави Николовски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.

– Идејата е да постигнеме договор со кој Скопје и Софија ќе се поврзат, а не да не се поврзат како што е сега, за жал. Договорот треба да содржи три сегменти, првиот е изградба на заеднички тунел што треба да ги поврзува двете држави. За жал, во претходниот проект тунелот завршуваше буквално на пола, на слепа улица или слепа пруга, вториот дел е јасна обврска да преземе Софија да го изгради делот од границата со Македонија до Ѓуешево, како и да го реконструира делот од Ѓуешево до Софија за да има модерна пруга и од нивната страна и третата обврска е наша, да направиме ревизија на проектот што веќе правиме зашто е невозможно толку скапо да чини тој проект, за толку малку километри толку многу пари да се потрошат – истакна Николовски по денешната посета на „Железници Транспорт”.

Според него, четирите локомотиви од Србија се стигнати минатата година.

– Тоа беше одлична работа зашто им донесе приход на „Македонски железници“ и со тој приход можевме да инвестиравме во ова што го промовираме денес, а постепено ќе користиме целосно домашни, македонски локомотиви – нагласи министерот.