Вашиот напредок е значителен и извонреден. Парламентарното собрание на Советот на Европа ја поддржува и ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат, порача денеска претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Теодорос Русопулос кој е во посета на земјава.
Пред пратениците во македонското Собрание, Русопулос рече дека во изминатите 30 години членство во Советот на Европа, Македонија покажала дека моралната зрелост не се мери по големина, туку по капацитетот да се слуша, да се почитува и да се прифаќа.
– Сум ја посетил вашата држава многупати во различни улоги – како новинар особено кога бев коресподент во време на војната во 90-тите, а потоа бев во посета на државата како министер на Грција. Во тие рани години имав привилегија неколкупати да се сретнам со еден од вашите први претседатели, покојниот Киро Глигоров, државник кој е запаметен по својата смирена умереност и непоколеблива верба во мирна независност и соживот. Тој еднаш кажа – Нашата иднина е во Европа, но нашата одговорност е тука, треба да докажеме дека малите нации можат да живеат во мир и демократија. И успеавте во тоа. Вашиот напредок е значителен и извонреден. Како претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и како политичар кој доаѓа од соседна држава Грција, исклучително ми е драго и сум почестен што денес сведочам дека сте жив доказ за неговите зборови – истакна Русопулос.
Посочи дека 75 години по потпишувањето на европската конвенција за човекови права и 30 години по приклучувањето на Македонија кон Советот на Европа, приказната за Европа продолжува.
– Секоја генерација мора да испише свое поглавје, не за да го смени мислењето, туку за да го одржи во живот ветувањето, ветување дека законот ќе ги заштити слабите а дека вистината ќе ја надживее пропагандата, дека ќе остане човечкото достоинство и ќе биде мерка за цивилизација – рече Русопулос.
Навраќајќи се на зборовите на Винстон Черчил дека Балканот создава повеќе историја отколку што може да конзумира, Русопулос рече дека Балканот познава повеќе историја од било кој друг, но и произведува повеќе мудрост.
– Балканот покажа дека сеќавањата на болка можат да бидат дисциплина за мирот и дека соживотот може да се научи, дека европската единственост не е подарок од географијата, туку избор на волја – посочи Русополис.
Осврнувајќи се на геополитичките случувања, Русопулос рече дека демократијата ја губи својата емоционална гравитација и порача дека мора да се анимира демократијата, а Советот на Европа дека останува местото за дијалог.































